По пример на Словенија, и Македонија со берза за електрична енергија

30

АД МЕПСО и АД ЕЛЕМ се во процес за формирање на берза за електрична енергија како организиран пазар на кој ќе се формираат транспарентни ценовни сигнали, истакна генералниот директор на МЕПСО АД, Синиша Спасов, во интервју за МИА.
Спасов додаде дека во овој процес планирано е и место за странски партнер кој има искуство во формирање и управување на берза за електрична енергија.
“Тие ценовни сигнали ќе бидат коректор и индикатор за сите економски субјекти во земјава и во регионот затоа што сите околни земји се исправени пред предизвикот за формирање на берзи за електрична енергија. Берзата бара исполнување на многу технички, законски и системски предуслови за да може да почне да функционира успешно. Целта е да биде ликвидна, односно да има доволно електрична енергија за тргување за проектот да биде самоодржлив”, вели Спасов.
Спасов, понатаму вели дека за берзата ќе се искористат словенечките искуства, бидејќи Словенија има берза за електрична енергија уште од 2001 година.
Во интервјуто Спасов вели и дека македонскиот електро-преносен систем оператор е подготвен за престојната зимска сезона и дека може да издржи зголемено оптоварување доколку температурите бидат екстремно ниски.
“Преземени се сите мерки од наша страна и спроведени се сите редовни активности за подготовка на преносната мрежа пред отпочнување на грејната сезона во земјава, кога и се очекува и зголемени товари на преносната мрежа. Според годишната програма извршени се сите потребни и планирани ревизии на опремата во трансформациските станици и на далноводите во мрежата на АД МЕПСО”, објасни Спасов.