Почна изградбата на инфраструктурата на ТИРЗ Струга

23

Изградбата на инфраструктурата на ТИРЗ Струга започна денеска во охридско-струшкиот регион на површина од 30 хектари. Зоната е 4,5 километри одалечена од Струга, 10 километри од Охрид и 164 од Скопје.

Се наоѓа во непосредна близина на аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, 56 километри од железничката станица во Кичево, 96 од граничниот премин Меџитлија кон Грција и 14 до граничниот премин Ќафасан кон Албанија, а најблиското пристаниште е во Драч на оддалеченост од 160 километри.

На поставувањето камен – темелник присуствуваа премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Владимир Пешевски, министерот за економија Беким Незири, директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо и градоначалниците на Охрид и Дебарца, Никола Бакрачески и Игор Трајковски.

Владата, како што истакна премиерот Груевски, преку Дирекцијата на ТИРЗ активно ќе работи на изградба на целосната инфраструктура на зоната.

„Ќе се реализира сообраќајно поврзување, ќе се изгради внатрешна патна мрежа, целосна водоводна канализациска, електроенергетска и телекомуникациска приклученост и се што е потребно за нормално функционирање на фабриките“, рече Груевски, јавува Миа.

Паралелно, додаде тој, Владата ќе работи на привлекување нови инвеститори. Потсети дека првиот инвеститор, германскиот гигант ОДВ Електрик паралелно со изградбата на зоната ќе почне и со изградба на фабриката.

Оваа компанија, според премиерот, ќе вработи илјада луѓе во првите три години. Петнаесетина вработени веќе се на обука во Украина.