Почна пријавувањето на таксистите за бесплатен курс по англиски јазик 

20

taxi

Министерството за транспорт и врски и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) објавија јавен повик за пријавување на такси возачи вработени во правни лица лиценцирани за такси дејност од општините во Република Македонија за посетување обука за изучување англиски јазик.

Обуката која содржи 80 часови, односно 40 блок часови, ќе ја вршат професори по англиски јазик, а трошоците ќе се обезбедуваат од буџетот на општините.

Право на учество на јавниот повик имаат сите таксисти вработени во правни лица лиценцирани за такси дејност од општините во Република Македонија, а да не се постари од 62 години. Овој повик не се однесува на такси возачи вработени во правни лица, лиценцирани да вршат такси дејност во градот Скопје.

Пријавувањето е електронски на интернет страниците на Министерството за транспорт и врски и на ЗЕЛС. Кон пријавата треба да се достави копија од лична карта во скенирана форма, копија од М-1 и М-2 образец за лицето што се пријавува и задолжително да се наведе општината во која се врши дејноста такси возач. Пријавите можат да се достават во рок од 45 дена од денот на објавувањето на јавниот повик.

Целта е да се добие поквалитетен такси превоз особено за туристите кои ја посетуваат Република Македонија. Сертификатот за познавање основно ниво А1 на англиски јазик за таксистите е задолжителен од 1 јануари 2017 година.

За сите оние кои ќе го немаат сертификатот ќе постојат одредени законски санкции.