Почнува пререгистрацијата на невработените во ФЗОМ

18

dru-salteri Сите невработени лица и лица со ниски примања од денеска треба да се пререгистрираат во подрачните единици на Фондот за здравствено осигурување за да можат да ги користат здравствените услуги.
Се очекува до крајниот рок кој е на 31 март, да се пререгистрираат 243.000 осигуреници. Станува збор за лица кои минатата година добиле здравствено осигурување на товар на Буџетот на Република Македонија за себе и своето семејство врз основа на своите пониски примања и за лица кои се прв пат здравствено ќе се осигуруваат по овој основ.
Лицата од овие категории треба да достават барање и изјава за остварени примања во текот на 2013 година. Барањата може да ги поднесат во подрачните единици на ФЗОМ и во истурените шалтери сместени во поликлиниките на Здравствен дом во Ѓорче Петров, Драчево, Чаир, Ченто и Шуто Оризари.
За тетовскиот регион, како втор по големина по скопскиот, подрачната единица ќе има продолжено работно време до 18 часот.
Пререгистрацијата, посочуваат од ФЗОМ, ќе продолжи и по 31 март, но во тој случај лицата ќе имаат прекин во здравственото осигурување, односно од 1 април до моментот на нивната пререгистрација.