Почнува саемот за вработување и пракса Контакт 2015

40

kontakt

Студентските парламенти на Факултетот за електротехника и информациски технологии, Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство, Машинскиот и Технометалуршки факултет го организираат тридневниот саем за вработување и пракса КОНТАКТ 2015.

Настанот почнува денеска во амфитеатарот на Технолошко-металуршкиот факултет со официјално отворање во 10 часот.

Во наредните два дена (вторник и среда), во зградите на ФЕИТ/МФС и ТМФ/ФИНКИ, компаниите-учеснички ќе се претстават со штандови пред студентите и на тој начин ќе остварат директна комуникација со своите идни кандидати за вработување.

КОНТАКТ е саем за вработување и пракса, кој им овозможува на студентите да се запознаат со можностите кои ги нудат компаниите на пазарот, преку директен контакт со претставниците од компаниите. На тој начин, студентите би се запознале со начинот на работа на компаниите и условите кои треба да ги исполнуваат за вработување или добивање практикантска работа.

Компаниите кои ќе учестуваат на овој настан, преку стекнување увид во знаењето и вештините на студентите, на лесен начин ќе може да направат една селекција на кадарот кој им е потребен и им се овозможува еден брз и лесен пристап до профилот на студентите. Она што студентите треба да го направат е да го остават своето CV на официјалната веб страница на КОНТАКТ 2015, www.kontakt.org.mk.