Поддршка на работодавачите за динамичен раст на бизнисот, нови работни места и социјален развој

18

Водечката организација која ги застапува интересите на работодавачите и се грижи за нивните права и слободи во економската и социјалната сфера во земјата, одбележа една деценија од нејзиното основање, се вели во соопштението.

На конференцијата организирана по повод 10-годишниот јубилеј на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), во присуство на голем број членки, како и претставници на други организации, институции и гости, беше реафирмирана определбата на ОРМ да биде активен чинител во креирањето на економско – социјалната политика во земјата, преку нејзиното учество и давањето реален придонес во работата на Националниот економско – социјален совет, но и преку самостојно дејствување за теми кои се во интерес на работодавачите и бизнисот во целина.

“Како најголема и единствена репрезентативна организација на работодавачите во земјава, Организацијата на работодавачи на Македонија, како и во изминатите 10 години, така и во иднина, ќе продолжи посветено и енергично да ги промовира и застапува интересите на своите членки во општеството, особено преку социјалниот дијалог со Владата и синдикатите“, истакна претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.

Тој нагласи дека организацијата останува отворена за соработка со институциите, синдикатите, академската заедница и граѓанското општество во изнаоѓање ефикасни решенија и креирање развојни политики кои ќе овозможат раст на бизнисот и домашната економија, нови работни места и перспектива за младите, како и социјална сигурност за сите граѓани.

Во рамки на одбележувањето на 10-годишнината на ОРМ беа доделени и дваесетина благодарници за особен придонес и исклучителни залагања во работата и успехот на организацијата, а беше организирана и дебата на тема “Учество на државата во економскиот систем на Република Македонија“, на која говореа претставници од Владата, од бизнис секторот и партнерските организации, како и од науката.

Во Организацијата на работодавачи на Македонија членуваат над 1.000 компании од 15 сектори со повеќе од 70.000 вработени. ОРМ е единствената репрезентативна организација на работодавачи од приватниот сектор која, заедно со Владата и синдикатите, го сочинува Економско – социјалниот совет, како трипартитно тело за социјално договарање и креирање политики.

Истовремено, ОРМ е единствена репрезентативна организација на работодавачи која има легитимитет да преговара и да склучува Општ колективен договор за приватниот сектор. Мисијата на ОРМ се остварува преку креирање и предлагање мерки, политики и активности во интерес на работодавачите во областите на образованието, инфраструктурата, општествената одговорност, безбедноста и здравјето при работа, трудовата и социјална легислатива, оданочувањето, инвестициите, кредитирањето и казнената политика.

Организацијата на настанот со кој се одбележа 10-годишнината на Организацијата на работодавачи на Македонија е поддржана од проектот “Унапредување на социјалниот дијалог“ кој е финансиран од Европската унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот. Токму директорот на МОТ за Централна и Источна Европа, Антонио Грациози, беше еден од оние кои упатија честитки за јубилејот со желби за натамошна успешна работа на ОРМ.