На осмиот јавен повик за доставување барања за користење средства од ИПАРД програмата, поднесени се вкупно 402 барања, соопшти Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
За мерката 101 (Инвестиции во земјоделски стопанства со цел нивно преструктуирање и надградба за достигнување на стандардите на ЕУ), поднесени се 335 барања. За мерката 103 (Инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделските производи со нивно преструктуирање и надградба за достигнување на стандардите на ЕУ) 14 барања, а за мерката 302 (Диверзификација и развој на руралните економски активности) 53 барања.
Вкупната вредност на инвестициите за кои се поднесени барања изнесува околу 19 милиони евра, а вкупната сума за кофинансирање околу 10 милиони евра. Најмногу проекти се за набавка на трактори – 188, со вкупна вредност на инвестиции над 3 милиони евра.
Ова е прв јавен повик објавен по модификациите на ИПАРД програмата кои значително го зголемија интересот на македонските компании за нејзино користење.