Подобрување на патната инфраструктура за зголемување на трговската размена со Бугарија

28

Подобрувањето на патната инфраструктура е со цел да се зголеми трговската размена меѓу Македонија и Бугарија, беше истакнато денеска по средбата на вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, со неговата бугарска колешка, Даниела Бобева, во рамки на Македонско – бугарските бизнис експо денови.

“Подобрувањето на патната инфраструктура е приоритет број еден, патот од Скопје до Софија сега баш не е најдобар, односно потребно е повеќе време да се дојде од едниот до другиот главен град и нашиот фокус ќе биде подобрување на сета патна инфраструктура што ја поврзува Македонија со Бугарија, како во делот на патиштата, така и во делот на железницата“, рече Ставрески.

Кон крајот на 2015 или почетокот на 2016 година, како што најави Ставрески, ќе стартува и изградбата на нов експресен пат од Ранковце до Крива Паланка, кој ќе биде со четири ленти, а на граѓаните и на фирмите од Македонија ќе им овозможи побрз транспорт и комуникација со Бугарија.

Бобева истакна дека и на Бугарија приоритет и е подобрување на инфраструктурата до Македонија, но и отворање нови гранични премини со цел да се развива трговијата меѓу двете земји.

“Еден исклучителен потенцијал гледаме во индустријата, како и заедничко излегување на пазарите, односно заемно помагање на индустријата меѓу двете страни од една страна на Македонија и од една страна на Бугарија, како и заеднички извоз на производи на трети пазари“, рече Бобева.

Двајцата вицепремиери истакнаа дека трговската размена меѓу двете земји од 520 милиони евра, треба да ги мотивира двете страни да седнат заеднички преку дијалог да ја зголемат соработката.

На Македонските – бугарски бизнис експо денови денеска присуствуваа и претседателот на Македонско – бугарската бизнис комора, Зоре Темелковски и претседателот на Трговската Промишлена палата Цветан Симеонов, кои истакнаа дека овој бизнис форум треба да им овозможи на бизнис секторот поголема соработка, но и реализација на заеднички проекти во делот на бизнисот и на инфраструктурата.

Организатори на Македонските бугарски бизнис експо денови се Македонско бугарската бизнис комора, Општина Штип, Центарот за развој на источно планскиот регион и Универзитетот Гоце Делчев од Штип.