Подземниот катастар започна со работа

16

Подземниот катастар започна да функционира со впишување на првиот инфраструктурен објект на Македонски телеком.

Преку овој систем ќе се евидентираат сите подземни инфраструктурни објекти со што во иднина ќе се намалат нивните оштетувања што досега беше случај при ископувања на земјиштето.

“Создадени се услови за запишување на телекомуникациската инфраструктура и ги повикувам сите компании кои располагаат со соодветна градежно-техничка документација да ја достават и што поскоро да добијат имотен лист“, порача денеска Славче Трпевски, директор на Агенцијата за катастар на недвижности.

Придобивките од воспоставувањето на инфраструктурниот катастар, како што рече тој се огромни, бидејќи на тој начин ќе се добијат информации за искористеноста на просторот, ќе се намалат оштетувањата на подземната инфраструктура, а и компаниите ќе добијат сопственост над оваа инфраструктура.

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, истакна дека со подземниот катастар ќе се овозможи евидентирање на целокупната електрична, телекомуникациска, водоводна и останата мрежа што се наоѓа под објекти и на неизградено земјиште.

„При изведба на градежни активности, поради уништена инфраструктура граѓаните остануваа без електрична енергија, вода, телефон или интернет. Досега во Кастастарот воопшто немаше евидентирано каде се наоѓаат овие инфраструктурни објекти, ниту пак беше запишана нивната сопственост. Сега веќе можат сите компании кои имаат евиденција за инфраструкруните објекти да достават геодетски елаборат и да ја запишат сопственоста на нивните објекти,“ рече Јанакиески.

Во иднина, како што рече тој, ќе се работи на воспоставување на уште едно софтверско решение кое што ќе овозможи полесно донесување на деталните урбанистички планови и можност секој граѓанин да има детални информации за одредена локација.

Инфарструктурните објекти ќе се запишуваат во подземниот катастар до 24-ти април 2018-та година.