Покажан црвен картон за булингот

30

Граѓаните на Скопје, заедно со продавачите на Лице в лице, во друштво на јавни личности, пријатели и поддржувачи, вчеравечер, му покажаа црвен картон на булингот, кој е носечка тема и на 31-вото издание на македонското улично списание.

Симболичните црвени картони укажуваа на фактот дека е неопходна заедничка битка на различни засегнати страни со цел справување со овој социјален феномен, кој во голема мера го менува секојдневието на младите, а многу често, остава и сериозни последици по нивното психолошко здравје.

Настанот се одржа под мотото Препознај, реагирај! Црвен картон за булингот!, а платформата Лице в лице го организираше во соработка со Првата детска амбасада во светот Меѓаши и со Иницијативата против булинг на група родители.

Целта на настанот е да се отвори прашањето за овој општествен проблем, за кој во јавноста тивко се зборува, а во училиштата, пак, недоволно се препознава. Споделените искуства од Иницијативата на родители, институционалниот одговор на нив, отсуството на податоци во земјава во однос на меѓуврсничкото насилство, непрепознавањето на феноменот и последиците врз психолошкото здравје на децата и младинците врз кои што е вршен булинг беа повеќе од доволна причина најновиот број на Лице в лице да биде посветен токму на оваа тема.

Од Првата детска амбасада во светот, Меѓаши, потенцираат дека состојбата со врсничкото насилство е повеќе од алармантна.
“Голем е процентот на деца кои се жртви на булинг, а прв чекор во борба против врсничкото насилство е да не затвараме очи пред него, тоа е присутно во сите средини, се јавува во различни форми и треба да го препознаваме и соодветно да реагираме“, вели Ана Битољану, мировна работничка во Меѓаши.

Од Иницијативата против булинг на група родители, пак, велат дека аламирањето постои, но, често институциите остануваат со игнорирачки однос кон ова прашање.
“Некогаш е незнаење, некогаш непрепознавање, но, системот не смее да потфрла на вакви важни прашања кои се однесуваат на нашите деца“,  велат од Иницијативата против булинг и додаваат „апелираме да се разговара, и да ги воспитуваме децата уште од мали да ги почитуваат и тие што не се слични на нив, послабите, поинаквите. Загубени се детски животи на овие простори како резултат на меѓуврсничко насилство“

Во пренесувањето на важните пораки за булингот, на вчерашниот настан на плоштадот Македонија, голема и значајна поддршка дадоа и пријателите и поддржувачи на Платформата Лице в лице – бендот Љубојна, како и водителската четворка од Утринска на Телма, Цеце, Елена, Марко и Гоце.

Оваа активност беше дел и од Неделата на граѓански организации, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество – серија од настани кои ја промовираат работата на граѓанските организации пред пошироката јавност, организирани во периодот од 19 до 23 јуни, 2018 година, низ Република Македонија.