Помеѓу економската добивка, мирот на граѓаните и одржливоста: Европа бара нова формула за туризам

Венеција, Барселона, Лисабон… Сè повеќе европски градови го креваат гласот против масовниот туризам што ги преплавува улиците, ги зголемува цените и ја задушува локалната заедница. На Глобалниот туристички форум беше кажано: време е за „избалансиран туризам“, таков што ги зачувува и градовите и нивните жители.

Локалните власти низ цела Европа предупредуваат дека брзиот раст на туристичката индустрија ја преоптоварува инфраструктурата, го зголемува загадувањето и го нарушува квалитетот на живот на жителите. Прашањето е – можат ли европските градови да најдат рамнотежа помеѓу економската добивка и одржливоста?

До 2050 година, европските градови сакаат да развијат туризам што рамномерно ги поврзува еколошките, економските и социјалните аспекти. Таа порака доминираше на вториот ден од Глобалниот форум за туризам, еден од клучните годишни собири на водечките актери во туризмот.

„Во градови како Венеција и Барселона, забележуваме еден вид „монокултура“ на економски активности во центарот, каде што сè повеќе бизниси ги задоволуваат потребите на туристите – од ресторани до продавници – наместо локалното население“, рече Елеонора Орсо од организацијата Eurocities, мрежа што ги обединува повеќе од 200 од најголемите градови во Европа.

Според податоците од Светската туристичка организација (ОН Туризам), Европа била домаќин на речиси 340 милиони меѓународни туристи во првата половина од 2025 година, што е зголемување од 4% во споредба со минатата година и дури 7% повеќе отколку во 2019 година.

Најпосетуваните светски дестинации се сè уште во Европа, а Франција и Шпанија бележат рекорден раст на посети. Проценките покажуваат дека Шпанија би можела дури и да ја престигне Франција до 2034 година, со очекувани 3,75 милиони посетители.

„Изберете ги туристите што сакате да ги привлечете“
Директорот на организацијата visit.brussels, Патрик Бонтинк, нагласи дека градовите мора да размислуваат долгорочно и да привлечат „вистински посетители“, а не само што е можно повеќе туристи.

„Изберете кого сакате да привлечете и адаптирајте ја инфраструктурата на тие луѓе“, им рече тој на учесниците на форумот.

Туризам што ги опфаќа градовите
Масовниот туризам повеќе не е само сезонски проблем.

Од Венеција до Барселона, европските градови се соочуваат со рекорден број посетители, бидејќи локалното население ги напушта историските центри поради зголемените трошоци за живот. Протестите против прекумерниот туризам се организираат сè почесто.

Локалните власти во Лисабон и Атина предупредуваат дека туристичкиот бум врши дополнителен притисок врз инфраструктурата, зголемувајќи го загадувањето и намалувајќи го квалитетот на живот на граѓаните.

„Производот во туризмот е самата дестинација. Ако го уништиме градот, еколошки или социјално, туристите повеќе нема да доаѓаат“, потсети Сабин Вент, директорка на visitBerlin.

Вент нагласи дека одговорноста за зачувување на дестинациите лежи кај локалните власти, туристичките организации и самите посетители.

Елеонора Орсо од Eurocities додаде дека политиките за развој на туризмот мора да бидат усогласени со пошироките урбанистички планови.

„Туризмот мора да биде дел од интегрирана градска стратегија што вклучува транспорт, домување, поддршка на бизнисот и други сектори“, рече таа.

Цени, инфлација и неизвесност
Според септемврискиот индекс на доверба во туризмот на ОН, високата цена на транспортот и сместувањето останува главен предизвик за меѓународниот туризам.

Иако се очекува инфлацијата во туризмот да падне од 8% во 2024 година на 6,8% во 2025 година, таа сепак ќе биде далеку над просечната инфлација од 4,3%.

Експертите предупредуваат дека економската неизвесност и геополитичките тензии влијаат на довербата на патниците и дека е потребен заеднички напор за премин од масовен кон одржлив и целен модел на туризам.

„Секој град има свој начин на размислување, па затоа не постои единствено решение. Сепак, клучно е јавниот и приватниот сектор да соработуваат“, рече Хозе Рамон Бауза, основач на Форумот за авијација и туризам и поранешен претседател на Балеарските Острови.

Како што додаде, „во спротивно, ќе ги изгубиме времето и парите на инвеститорите“, додаде тој.

Европска стратегија во подготовка
Иако Европската Унија формално нема директни надлежности во областа на туризмот, Европската комисија подготвува заедничка стратегија за одржлив туризам, која треба да биде презентирана на почетокот на 2026 година.

Планот има за цел да го направи секторот поконкурентен, поотпорен и поодржлив, преку намалување на прекумерниот туризам, промовирање еколошки опции, подобрување на дигиталните услуги и поттикнување на прекугранично патување.