Пониски трошоците на живот во јули за 0,2%

53

Трошоците на живот во јули оваа година, во однос на претходниот месец, се намалени за 0,2%, а кај цените на мало има пораст од 0,9%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Намалување на трошоците на животот во јули 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежиот и разладениот зеленчук освен компири и други коренести плодови за 21,3%, свежото и разладеното овошје за 0,7%, пивото за 0,4%, жестоките пијалаци за 0,3%, млекото, минералната вода, газираните пијалаци и соковите од овошје и зеленчук за 0,2%.

Исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај информатичката опрема за 2,3%, резервните делови и приборот за сопствени превозни средства за 2,1% моторните возила за 1,4%, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,9%, теписите и другите подни покривки за 0,6%, облеката, големите електрични апарати за домаќинствата за 0,2%.

Пораст на трошоците на животот во јули 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај цигарите за 0,6%, лебот и житата, сувото овошје и јаткастите производи за 0,4%, прехранбените производи неспоменати на друго место за 0,3% , маслото и маснотиите, виното за 0,2%.

Во јули, исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај течните горива за домаќинствата за 35,5%, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 4,6%, гасот за домаќинствата за 3,2%, услугите за рекреација и спорт за 2,1%, велосипедите за 1,6%, книгите за 0,9%, другите услуги за опрема за сопствен превоз, патен патнички транспорт за 0,8%, другата облека и додатоците за облека, медиумите за снимање за 0,4%, малите електрични апарати за домаќинствата за 0,3%, мебелот и покуќнината, другите медицински производи за 0,2%.

Трошоците на животот во јули 2020 година, во однос на јули 2019 година, бележат зголемување од 1,3%, а цените на мало се на исто ниво како и минатата година.

Фото: Freepok