Популарни места од регионот ги заменија европските дестинации

138

Туристичките агенции за осмомартовските патувања нудат посета на места во земјава и во соседството. Агенциите имаат понуди за Охрид, Струга, но и за посета на познати места во Србија, Албанија, Црна Гора, Турција.

Поради пандемијата на коронавирусот годинава припадничките на понежниот пол  претежно се одлучуваат да патуваат во земји каде за македонските граѓани не се бара ПЦР тест.

“За разлика од претходните години кога се бараше место повеќе за сите европски дестинации, оваа година и покрај тоа што луѓето повторно сакаа, спречени сме да нудиме какви било аранжмани. Понудата е толку сиромашна што многу е тешко да се состави група за патување, а тука се и рестрикциите кои се уште поголем проблем. Во моментов тоа што се продава се аранжмани за Србија, бидејќи таму не е потребен тест. Во понудата има аранжмани за Белград, Нови Сад, тука се популарните бањи, Пролом бања, Врњачка бања, Соко бања и нова интересна дестинација Јастребац“, вели Силвана Јовановска, сопственик на туристичката агенција Go Тravel.

Турите за Истанбул пропаднаа поради тоа што турските власти одлучија да ги продолжат забраните, односно да продолжи одлуката задолжителен ПЦР тест за влез во земјата. Со тоа автоматски патниците ги откажаа своите резервации, додава Јовановска.

На прашањето дали обврската за валиден ПЦР тест за коронавирус има пресудна улога во носењето одлука за одредена дестинација, Јовановска нотира дека токму обврската за ПЦР тест е најголемиот проблем при одлучувањето на патниците дали ќе патуваат или не, од повеќе фактори.

“Прво, цената на тестот која сè уште не се намалува (околу 2600 денари по лице), второ стравот од евентуално позитивен тест е исто така пресудна, а и несигурна варијанта за туристичките агенции бидејќи во тој случај треба уплатените средства да му се рефундираат на клиентот, а при тоа резервациите во хотелите се веќе платени и тешко се добива поврат. Меѓу другото, постојаните воведувања на нови забрани како големо скратување на работното време на ресторани и трговски центри дополнително влијаат на се потешката одлука патниците да уплатат аранжман. Постои збунетост меѓу луѓето каде и дали треба тест, дали на враќање ќе ги очекува карантин и уште многу други прашања за кои ниту ние не можеме да бидеме 100% сигурни, бидејќи работите се менуваат преку ноќ“, вели Јовановска.

Најевтиниот аранжман во нивната понуда е аранжманот за Јастребац, прекрасен планински предел во Србија, кој е најпошумениот на Балканот и изнесува 59 евра по лице. Додека најскап во понудата е Пролом бања, 139 евра по лице, но услугата е на полн пансион, комплетно користење на услугите во велнес центарот, како и вклучени факултативни посети и автобуски превоз.

Маја В. од Скопје вели дека ќе патува за Истанбул и дека не се плаши од патување бидејќи веќе прележала Ковид -19.

“Секако ќе носам маска и ќе ги преземам сите потребни мерки“, вели таа.

Од друга страна наша друга соговорничка, Мирјана Т. се одлучила да патува во Белград, бидејќи за влез во Србија не е потребен ПЦР тест.

Фото: Freepik