Попуст од 30% за студентите во ски-центарот Заре Лазаревски

44

За 30% поевтинија дневните билети за студентите од државните и приватните факултети во ски-центарот Заре Лазаревски во Маврово. Поевтувањето доаѓа на иницијатива на раководството на ски-центарот Заре Лазаревски. Студентите за да добијат попуст потребно е со нив да имаат студентска легитимација или индекс при купување на билетите.
Огњан Циговски, управителот на ски-центарот Заре Лазаревски, рече дека оваа година една од нивните поголеми целни групи се студентите кои се околу 60.000 во државата.
“Оваа година се продадоа околу 490 годишни ски-билети од 10.000 денари, кои се покажаа како атрактивни. Годинава имаме и друга промотивна карта – студентската ски карта која ако во шпицот на сезоната би чинела 1.100 денари, за студентите би била 800 денари. Во периодот по 20 јануари, билетот ќе чини 650 денари”, рече управителот Циговски.
Циговски најави дека за следната сезона планираат да воведат и промотивни билети за средношколците, а за лицата над 65 години билетот да биде бесплатен.
Во моментов капацитетите во Маврово се целосно исполнети, работат сите ски лифтови, освен стазата каде засега нема доволно снег.