Поради кризата на Црвеното Море, загрозена e трговијата со свежа храна

45

Нападите на Хутите врз комерцијалниот брод во Црвеното Море, кои траат веќе три месеци, ја попречуваат испораката на производи меѓу Европа и Азија.

Извозниците и шпедитерите предупредуваат на сè поголеми штети во трговијата со овошје и зеленчук.

Поморските компании ги испраќаат своите бродови околу африканскиот Р’т Добра Надеж  наместо преку теснецот Баб ел Мандеб, продолжувајќи го транспортот на производи меѓу Азија и Европа до три недели, како резултат на што, покрај зголемувањето на цената на патувањето, голема е веројатноста производите да ја изгубат свежината пред да стигнат до дестинацијата.

„Постои значителен ризик“, изјави Марко Фоџоне, генерален директор на Институтот за извоз и меѓународна трговија со седиште во Велика Британија, за Политико во Брисел, нагласувајќи дека продолженото време за испорака не само што ќе влијае на овошјето и зеленчукот, туку и на цела низа храна, вклучително и месо и житарки, но и во прехранбената индустрија, со оглед на доцните испораки на палминото масло.

Најпогодени се извозниците од јужна Европа, како што се Италија, Грција и Кипар, бидејќи нивниот товар вреден милијарди евра сега мора да го напушти Медитеранот на запад и да оди по долгиот пат до Блискиот Исток и Азија. Иако, за среќа, засега се „поштедени“ најчувствителните сорти на овошје, со оглед на тоа што наесен се береа киви, грозје и смокви, а во лето црешите, другите овошја „немаа толку среќа“, вели тој.

Така, на пример, италијанскиот извоз на јаболка, круши, зелка и карфиол во Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати беше прекинат сред сезона. Во секторот во кој доминира сезонското производство, според Кристијан Марети, претседател на Италијанската земјоделска и прехранбена задруга, обемот на штетите ќе зависи од времетраењето на блокадата.

Сепак, одредени компании, како што е данската бродска компанија „Маерск“, дојдоа до идеја да понудат транспортни услуги за лесно расиплива стока со комбинирање на воздушниот и бродскиот сообраќај како дел од решението за кризата што се појавува. Според ова решение, производите прво се носат со брод во Дубаи, од каде со авион се испорачуваат до Франкфурт и Амстердам.

Ова предизвика загриженост дека овие производи би можеле да бидат отфрлени на европскиот пазар. Во меѓувреме, еден од најголемите земјоделски производители, Турција и Египет, заедно со Украина, ја истражуваат Европа како транзитна рута или како место за продажба на нивната лесно расиплива храна.

Од друга страна, нема поголеми последици за транспортот на нерасипливи производи поради продолженото време на испорака, иако испораката на вино и жестоки пијалоци може да доцни за кинеската Нова година, која се слави на 10 февруари.