Ниските температури, снегот и ледениот дожд во Словенија направија големи проблеми во сообраќајот и во снабдувањето со електрична енергија. Под тежината на мразот и снегот се кинат жиците и попуштаат далноводите, поради што без струја останаа 250.000 потрошувачи. Затоа, Словенија побара помош од соседите и Европската унија. Во проблеми се скоро 1.300 трансформаторски станици, па словенечката премиерка Аленка Братушек од соседите побара помош, барајќи пред се големи генератори за струја. Генератори веќе испратија Австрија, Чешка и Германија.
Братушек додаде дека за санација на штетите ќе бара помош од ЕУ, од фондот за солидарност. Државите имаат право на користење на средства од овој фонд во случај на големи природни катастрофи кои ќе предизвикаат штети поголеми од три милијарди евра според цените од 2002 година, односно ако штетите се во вредност поголема од 0,6% БДП.