Поранешниот шеф на VW стана дел од Piech Automotive

34

Пред година и половина Матијас Милер си поднесе оставка на местото шеф на Volkswagen групацијата, а сега е дел од Надзорниот одбор на Piech Automotive.

Piech Automotive е компанија на Антон Пих, еден од правнуците на Фердинанд Порше и секако член на моќното семејство Пих. Компанијата е старт – ап лоциран во Швајцарија, основана со цел да произведува луксузни електрични автомобили. Засега планот е првиот модел да го пласираат до крајот на 2022 година.

Компанијата Piec Automotive го претстави својот концептуален модел Mark Zero минатата година на Салонот во Женева. Тогаш Антон Пих изјави дека желба е да се натпреваруваат на пазарот со најдобрите, па дури и со Porsche, којшто делумно е во сопственост на семејството Пих.

Инаку, Матијас Милер е поставен на местото шеф на Надзорниот одбор. По повод неговиот ангажман во компанијата истакна дека е возбуден поради новото работно место.

“Мисијата на основачите на оваа компанија ме инспирираше бидејќи е подоследна и повизионерска во однос на сè друго со што сум се сретнал во текот на своето работење во автомобилска индустрија“, изјави поранешниот шеф на Volkswagen групацијата.

Милер не е единственото големо име од автомобилската индустрија кое се најде во Piech Automotive. Пред него таму се “скрасија“ Клаус Шмит од BMW, Андреас Хенке од Porsche и Јохен Рудат, поранешниот шеф на Tesla за Европа. Јасно е дека Piech Automotive не влегува така лесно во целиот проект. Главен инвеститор е Петер Тил. Тоа е човекот кој заедно со Илон Маск го формираше PayPal и е еден од неколкумината кои седат во Управниот одбор на Facebook.

Piech Automotive ветува револуционерна технологија во врска со батериите и полнењето на истите. Концептуалниот Mark Zero поседува пакет батерии кои обезбедуваат автономија од 500 километри според WLTP. Тие тврдат дека станува збор за “целосно нов тип на батериски ќелии“, кои едвај се загреваат при полнењето и празнењето. Toa овозможува полнење до 80% за помалку од пет минути, поточно четири минути и 40 секунди.

Батериите се воздушно ладени токму поради тоа што не греат, што обезбедува заштеда во масата од дури 200 килограми.

Преземено од Avtoplus.mk