Поранешните југословенски републики должат 135 милијарди евра

284

Црногорскиот портал Bankar.me направи пресек на висината на бруто надворешниот долг што го имаат поранешните југословенски републики. Од тоа произлегува дека шесте земји (Македонија, Словенија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора) имаат долг од 135 милијарди евра.

Бруто надворешниот долг на Словенија, како што наведува порталот, на 30-ти јуни оваа година изнесува 43,5 милијарди евра.

Хрватската народна банка ги коригирала податоците за бруто надворешниот долг на земјата и на 30-ти јуни го подигна на 44,5 милијарди долари.

Бруто надворешниот долг на Србија на истиот датум изнесува 27,8 милијарди евра, додека според податоците на македонската Народна банка долгот на земјава кон странство изнесува 7,8 милијарди евра.

Народната банка на Црна Гора објави дека надворешниот долг на земјата на последниот ден од 2018 година изнесува 7,6 милијарди евра.

Единствена држава која, според порталот, не го прикажа долгот во евра е Босна и Херцеговина. Бруто надворешниот долг на БиХ на 31-ви март оваа година е 8,2 милијарди конвертибилни марки, што е околу 4,2 милијарди евра.

Па така, должничкото салдо на државите од поранешна Југославија е околу 135,7 милијарди евра.

Фото: Pixabay