Пораст на индексот на трошоците на животот и цените на мало

22

Фото: Pixabay

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во март 2018 година, во однос на претходниот месец, изнесува 100.0, а индексот на цените на мало 99.9.

Индексот на трошоците на животот во март 2018 година е на исто ниво како и претходниот месец, но е забележано движење во подгрупите. Пораст на индексите на трошоците на животот во март 2018 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежото и разладеното овошје за 7,1%, житата за 1,6%, замрзнатото овошје за 1,2%, компирот за 0,9%, млекото за 0,8%, сирењето и урдата за 0,5 %, другите пекарски производи за 0,3% и трбушките за 0,2%.

Во март 2018 година, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај телефонската и телефакс-опремата за 3,3%, предметите за лична хигиена и здравје за 1,2%, услугите за лична хигиена за 1,1%, средствата за чистење и одржување на станот, туристичките пакет-аранжмани за 0,9%, обувките за 0,7%, резервните делови и опремата за сопствен превоз за 0,6%, големите електрични апарати, услугите за култура за 0,5%, облеката, материјалите за одржување и поправки на станот, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема, велосипедите за 0,4%, другите услуги поврзани со станот, неспоменати на друго место, канцеларискиот материјал и материјалите за цртање, услугите за сместување за 0,3 %, текстилот за домаќинствата, алатитe и опремата за куќа и градина, опремата за спорт, кампирање и рекреација во природа, градините, растенијата и цвеќињата за 0,2%.

Намалување на индексите на трошоците на животот во март 2018 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај оризот за 1,5 %, сувото овошје и јаткастите производи за 1,1%, другите прехранбени производи за 0,9 %, месото за 0,7 %, јајцата за 0,6 %, рибата и морските плодови, јогуртот за 0,5 %, сушеното, соленото и чаденото месо за 0,3 %.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај течните горива за домаќинствата за 3,7 %, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 3,2 %, болничките услуги за 3,1 %, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства за 2,7 %, книгите за 2,6 %, гасот за домаќинствата за 2,5 %, дисковите, касетите, дискетите, цедеата, филмовите за 2,3 %, авионскиот превоз на патници за 1,6 %, информатичката опрема за 1,3 %, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,8 %, цврстите горива за 0,5 %, мебелот за домаќинствата за 0,3 % и другите медицински производи за 0,2 %.

Индексот на трошоците на животот во март 2018 година, во споредба со март 2017 година, забележа пораст од 1,6 %, а индексот на цените на мало забележа пораст за 2,9 %.