Пораст на патниците на двата аеродрома во Македонија за 17%

15

Бројот на патници што се превезуваат преку двата аеродрома во земјава, во текот на деветте месеци од годинава, е зголемен за 17% во однос на истиот период лани.

Вкупниот број на патници, како што се наведува, достигна 1.382.714, а пораст од 11% се забележува кај вкупниот број на полетувања и слетувања, коишто за девет месеци изнесуваат 13.009/

Најфреквентна дестинација од скопскиот аеродром бил Истанбул, по што следуваат Цирих, Виена, Базел, Малме и Лондон. Со нискобуџетската авиокомпанија Wizz Air патувале најголем број патници, а потоа следуваат Turkish Airlines, Austrian Airlines, Germania Flug AG и Pegasus Airlines.

“Нашите главни заложби како менаџмент, силно поддржани од маркетинг одделот на ТАВ Аеродроми, како и од Владата како наш партнер, ќе останат фокусирани на привлекување нови авиокомпании, отворање нови дестинации и зголемување на бројот на фреквенции на постоечките рути, со цел да генерираме поголем сообраќај. Со новите дестинации кои ќе бидат отворени од скопскиот аеродром – Хановер на крајот на овој месец, и Доха на почетокот од 2017 година, очекуваме натамошен пораст на авиосообраќајот, што ќе ги направи нашите аеродроми поатрактивни и повидливи на регионално ниво за глобалните авиокомпании и тур-оператори“, вели Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија, пренесува Миа.

Во текот на овој месец, Македонија ќе ја посетат и претставници на два големи полски тур оператори со цел да ги разгледаат можностите за воспоставување на првата авио – врска меѓу Полска и Македонија, со чартер – летови до охридскиот аеродром Свети Апостол Павле од Варшава и од Катовице во текот на летната сезона во 2017 година.

Во првите девет месеци од годинава има пораст од 16,6% и на карго сообраќајот на скопскиот аеродром, достигнувајќи 2.345 тони, што најмногу се должи на зголемените карго – летови за превоз на стоки на извозните компании.