Пораст од 10% на туристи во Националниот парк Галичица

3

Националниот парк Галичица од година во година бележи пораст на бројот на посетители кои се решаваат да ги видат природните убавини што ги поседува. Дел од нив се туристи кои тоа го прават во рамки на нивната посета на Охрид, но според информациите од Националниот парк, има и такви кои доаѓаат наменски, односно токму заради нивниот интерес за тој вид рекреација.

Како што истакна Наумче Новески од ЈУНП Галичица, забележан е пораст на бројот на посетители за околу 10%. Според него, радува податокот дека се поголем е и бројот на охриѓани кои го посетуваат паркот, односно навиките да се минува повеќе од слободното време на рекреација во природа. Инаку, бројот на посетители во паркот се регистрира со електронски мерачи, поставени на главните влезови во паркот кои го евидентираат бројот на возила, пешаци и велосипедисти.

Оценка на вработените во паркот е дека интересот делумно се должи и на активната промоција на националниот парк Галичица изминатиот период, како и достапноста на податоците за паркот на сопствената интернет-страница. Во интерес на што поорганизиран престој во паркот се и усвоените измени во Законот за заштита на природата, Законот за национални паркови, кои предвидуваат туристички водичи за сите посетители кои групно ќе дојдат во паркот. Станува збор за обучени лица со лиценци за таква дејност.

Националниот парк Галичица се простира на површина од 25.000 хектари, поместени во пределот меѓу Охридското и Преспанското Езеро. На планинските предели има мапирани и одбележани пешачки и велосипедски патеки во вкупна должина од 350 километри, зависно сложеноста поделени во неколку категории.