Пораст од 118,04% на прометот на Берза во мај

15

makedonska berza

Македонска берза во мај оствари промет од 391.797.251 денари, што во споредба со претходниот месец, кога беше на ниво од 146.670.828 денари, значи пораст од 118,04%, покажува месечниот статистички билтен, објавен на Берзата.

Пазарната капитализација во мај изнесува 94.582.162.109 денари, што исто така претставува зголемување од 1,59% во однос на претходниот месец, кога таа беше на ниво од 93.099.803.295 денари.

Раст забележуваат и вкупниот број на трансакции – 1.366 за 58,29% и индексот МБИ10 за 4,57%.

Најтргувани акции на официјалниот пазар беа оние на Комерцијална банка кои во вкупниот промет учествуваа со 38,87%, потоа веднаш зад нив се хартиите од вредност на Алкалоид со 222 трансакции или 28,49% учество во вкупниот промет. Трети најтргувани акции во мај беа оние на Макпетрол со 113 трансакции односно 10,12% учество во вкупниот промет на официјалниот пазар.

Најголем пораст забележаа акциите на Агро Куманово од Куманово – 124,44%, додека зад нив беа хартиите од вредност на Хотели Метропол од Охрид со раст од 39,32%. На третата позиција најтргувани акции беа оние на РЖ Услуги со пораст од 36%.

Таканаречени “губитници“ во мај, односно акции што забележаа најголем пад беа хартиите од вредност на МЗТ Пумпи за 44,29%, ЕМО Охрид со пад на вредноста од 35,48%. Акциите на Осигурување Македонија АД Скопје – Виена Иншуренс Груп завршија 25% во минус.