Пораст од над 262% на прометот на Македонска берза во јуни

25

makedonska berza

Вкупниот промет во јуни оваа година се позиционираше на ниво од 439.297.410 денари, што е пораст од 262,81% во однос на претходниот месец, кога прометот беше 120.532.000 денари, покажува месечниот статистички билтен на Македонска берза.

Пораст од 1,91% се забележува кај пазарната капитализација на Берзата, којашто во јуни е на ниво од 95.422.816.740 денари, додека претходниот месец изнесуваше 93.635.516.830 денари.

Во јуни, според билтенот, вкупниот број на трансакции е 1.389, што е 78,76% повеќе во однос на претходниот месец.

Најтргувани акции на официјалниот пазар се оние на Алкалоид со 184 трансакции или 31,68% од вкупниот промет, потоа следат хартиите од вредност на Комерцијална банка со 103 трансакции односно 20,84% од прометот на Берзата. На трето место се позиционираа акциите на Макпетрол, со кои што се направени 117 трансакции, со 11,35% учество во вкупниот промет.

Најголем пораст на вредноста забележаа акциите на Грозд од Струмица – 124,95%. За 50% е зголемена вредноста на акциите на Лотарија на Македонија, додека хартиите од вредност на Макошпед забележаа скок од 25%.

Акциите на Хотели Метропол Охрид евидентираа пад од 58,08%, потоа хартиите од вредност на Јака 80 Радовиш со 33,33% во минус. Вредноста на акциите на Осигурување Македонија АД Скопје – Виена Иншуренс Груп се намали за 29,33%.