Porsche 911 ќе биде последниот што ќе стане електричен

86

Porsche најави дека ќе ја електрифицира 80 проценти од својата постава до 2030 година, а извршниот директор Оливер Блум се осврна и на моделот 911.

Германскиот производител започна со работа на развој и истражување на синтетички горива кои треба да ги спасат моторите на внатрешно согорување од речиси сигурната пропаст која ја наметнуваат новите регулативи за емисии во Европа. Притоа, Porsche најави дека 80 проценти од нивната гама ќе биде електрифицирана до 2030 година, но од целата оваа политика ќе биде изземена и легендата на компанијата, моделот 911, кој ќе биде последниот кој ќе добие целосно електричен погон, ако воопшто го добие.

“Ќе продолжиме да го правиме 911 со мотор на внатрешно согорување. Концептот на 911 не дозволува целосно електричен погон бидејќи имаме мотор на задниот дел од автомобилот. Ако ја ставиме тежината на батеријата позади, нема да можете да го возите автомобилот“, изјави Блум.

Така, 911 ќе биде најголемиот дел од 20-те проценти на Porsche кои нема да бидат електрифицирани до 2030. Фановите на 911 ќе мораат да прифатат одредена електрификација. Електричниот погон веќе успеа да си најде свое место во голем дел од моделите на брендот, вклучително plug-in хибридите Cayenne и Panamera и целосно електричниот Taycan. Иако помалиот Macan се уште нема хибриден погон, наскоро се очекува да стане целосно електричен модел. Слично на тоа, 718 Cayman и Boxster се очекува да бидат електрифицирани наскоро.

Нови батериски ќелии

Електрификацијата игра важна улога во Volkswagen Групацијата, а Porsche има голем удел во сето тоа. Брендот веќе помогна во развојот на премиум PPE електричната платформа со Audi, а притоа најави дека ќе развива и нови батериски ќелии за перформансни возила.

Германскиот производител верува дека со користењето на силикон наместо графитни аноди ќе помогнат во развојот на новите батериски ќелии. Благодарение на ова, батериите на Porsche ќе можат да функционираат на поголеми температури. Хемијата на ќелиите ќе овозможи батерии со поголема густина со подобра рекуперација на енергијата и побрзо полнење.

Но, сето ова е залудно доколку клиентите не се третираат добро, па за таа цел Porsche планира да направи мрежа на брендирани брзи полнечки станици ширум Европа.

„Во моментов работиме на деталите за концептот за наши сопствени брзи полнечки станици. Ќе избереме атрактивни локации за ова, со цел да им понудиме на нашите клиенти најудобно и најбрзо искуство за долги патувања“, изјави Блум.

Нема нов хиперавтомобил пред 2025

Покрај ова, првиот човек на брендот најави дека новиот хиперавтомобил на Porsche нема наскоро да пристигне на пазарот, сигурно не пред 2025 година. Блум истакнува дека Porsche не верува дека батериите се достигнати на доволно напредно ниво, пред се кога станува збор за перформансите при високи температури, нешто што се бара од хиперавтомобилите.

Наследникот на 918 Spyder е се уште во плановите на компанијата, но проектите како развој на нови чисто електрични автомобили и нивните релевантни технологии се приоритет за компанијата.

“Кога станува збор за наследник на 918, хиперавтомобил е нешто на што постојано размислуваме во Porsche, но во следните неколку години, нашиот фокус ќе биде електрификацијата на нашиот опсег на модели. Пред 2025, нема да имаме хиперавтомобил“, изјави Блум

Преземено од Avtoplus.mk