Porsche дополнително инвестира во е-горива за да ги зачува моторите

17

Електрификацијата е иднината на автомобилската индустрија, но Porsche нема намера едноставно да се откаже од моторите на внатрешно согорување

Додека целата автомобилска индустрија се насочува кон делумна или целосна електрификација, Porsche работи и на друго, многу важно поле. Голем број од европските брендови најавија дека до крајот на оваа деценија во својата понуда ќе имаат само електрични возила. Дел од компаниите вложуваат и во технологијата со водородни ќелии, но Porsche веќе подолго време сериозно вложува во зачувување на моторите на внатрешно согорување, благодарение на синтетитчките е-горива.

Имено, Porsche ја засилува својата инвестиција во e-горивата, инвестирајќи дополнителни 75 милиони долари во холдинг компанијата која е одговорна за повеќе производствени погони за е-гориво. HIF Global LLC е холдинг компанија на меѓународно активни развивачи на проекти на производствени капацитети за eFuel и ја гради пилот-централата Haru Oni eFuel во Пунта Аренас, Чиле. Porsche ja почна изградбата на фабриката за производство на е-гориво уште во септември, која е речиси без емисии благодарение на зелената енергија што се користи за напојување. Siemens Energy и ExxonMobil исто така се партнери за овој проект.

Меѓу останатите инвеститори во HIF Global се и чилеанската компанија Andes Mining & Energy (AME) и американските компании EIG, Baker Hughes Company и Gemstone Investments. Дополнителните финансиски инвестиции ќе се искористат за инвестирање во погоните за производство на е-горива во земјите богати со обновлива енергија како Чиле, Австралија и САД.

„Е-горивата даваат важен придонес за заштитата на климата и ја надополнуваат нашата електромобилност на значаен начин. Со инвестирање во индустриското производство на е-гориво, Porsche дополнително ја проширува својата посветеност на одржлива мобилност. Севкупно, нашата инвестиција во развојот и обезбедувањето на оваа иновативна технологија изнесува повеќе од 100 милиони американски долари“, вели Барбара Френкел, член на Извршниот одбор за набавки во Porsche AG.

Како функционира

Porsche работи на обновливо гориво веќе некое време, со комплетирани успешни тестови во лабораториски услови и на тркачките патеки. За да се направи е-гориво, фабриката ја дели водата на водород и кислород со помош на електролизери напојувани од енергијата на зелениот ветер. Водородот потоа се комбинира со CO2 филтриран од воздухот за да се создаде синтетички метанол кој може да се претвори во егориво. Е-горивото базирано на електрична енергија овозможува работа на моторите со внатрешно согорување речиси без CO2 емисии.

Е-горивото произведено во фабриката во Чиле Porsche најпрво ќе го користи во мотоспортот, а потоа се очекува дека ќе се користи за почетно полнење гориво во фабриката и во центрите на Porsche Experience. Порше очекува производството на горивото да започне во средината на 2022 година.

Преземено од Avtoplus.mk