Порталот Виртуелна берза од денес почнува да функционира

34

berzaЕдукативниот портал на Македонската берза, Виртуелна берза, наменет за сите оние кои сакаат да стекнат искуство при тргување со хартии од вредност и да бидат подготвени за вистинско тргување на Македонската берза, од денес ќе почне да функционира.

Виртуелната берза е симулација на вистинското тргување на Македонската берза. Со виртуелните пари ќе можат да се купуваат, продаваат и вреднуваат вистински хартии од вредност што се тргуваат на Македонската берза.

Секој регистриран учесник ќе добие на располагање 500.000 виртуелни денари со кои ќе може да купува и продава акции што се котирани на Официјалниот пазар на Македонската берза на подсегментите Супер котација, Берзанска котација и Задолжителна котација.

Целта на секој учесник е да постигнете максимална вредност на портфолиото преку реализирање на купопродажни трансакции. Воедно, учесниците во играта имаат можност да го вреднуваат своето вистинско портфолио остварено од тргувањето на Македонската берза.

Овогодинешниот циклус на Виртуелната берза ќе трае од денес, па се до 30 јуни 2014 година. Откако ќе заврши циклусот ќе следи прогласување на тројца најуспешни учесници коишто имаат остварено најголема вредност на своето портфолио. Добитниците на првите три места ќе добијат награди од Македонска берза.