Портокалово ниво за ветер и врнежи

20

Во Македонија во попладневните и вечерните часови ќе има услови за појави на локална нестабилност и локален пороен дожд, хидролошката состојба е лабилна и се следат критичните брани.

Рада Аврамовска од Управата за хидрометеоролошки работи денеска на прес-конференција во Центарот за управување со кризи информира дека земјата е под влијание на топла и влажна воздушна маса од Медитеранот која во текот на ноќта предизвика врнежи од дожд во западните, а во претпладневните часови се проширија и во останатите делови.

“Засега нема интензивни врнежи. До утрово во западните планински подрачја наврнаа 20 литри дожд на метар квадратен, но во останатите уште нема интензивни врнежи. Поради високите температури и големата енергија во атмосферата во која се наоѓа денеска подрачјето на Македонија, во попладневните и вечерните часови ќе има услови за појави на локална нестабилност која е карактеристична за ваквото топло време и локално краток пороен дожд, грмежи, а на локални места и изолирана појава на град”, рече Аврамовска.

За денеска, додаде, карактеристична е и појавата на ветар, кој во Штипско дува 100 километри на час.

“УХМР го алармираше портокаловото ниво за ветер и врнежи и во вечерните часови во југоисточните делови активирано е портокаловото ниво за појава на локално невреме. Количината на врнежи ќе се движи од 40 до 60 литри што не е невообичаено, но таму каде што ќе има нестабилност доколку има поројни врнежи, количините ќе бидат поголеми”, рече Аврамовска.

Според Јосиф Милевски од УХМР, хидролошката состојба е лабилна, водотеците се над просечното ниво, што е нормално за овој временски период.

“Со оглед на очекувањата има можност за пресврт во некои делови пред се во западните каде има талози од снег. Среќна околност е што се очекува пресврт на ветерот од јужен во северен правец и пад на темепратурите, така што врнежите од дожд кои се предвидуваат на повисоките места може да преминат во снег, што ќе ја задржи ситуацијата и можното топење на снегот”, појасни Милевски.

Како најризичен го посочи делот под Кораб во реонот на сливот на реката Радика, каде од вчера се забележа пораст на водостојот.

Центарот за управување со кризи, како што истакна Душко Петровски, ја следи состојбата низ цела држава, посебно со критичните брани.

“Најбудно се следи состојбата со критичните брани, Пишица кај Пробиштип, каде во моментот нема врнежи, нивото на водата е 17 метри под круната на браната и во овој момент нема опасност. Водата во браната Липа во неготинско е 90 сантиметри под круната, истекува и нема посебна опасност. Во Турија водата е 75 сантиметри под нивото и состојбата не е алармантна. Во Слатинската брана каде има дополнителни рушења нивото изминатите два дена е зголемено за 10 сантиметри, прилива со одводната инка и пропусниот вентил кој беше проблематичен. Состојбата не е алармантна, но ја следиме во зависност од она што не очекува со прогнозата и дополнителни врнежи кои може да настанат и да предизвикаат поплави”, рече Петровски.

Тој упати апел до општините да се одржуваат исчистените канали за да не предизвикаат излевање и граѓаните да не фрлаат отпадоци во нив.