Последна шанса за работодавачите што не им исплатија на вработените

103

Владата им дава шанса работодавачите кои ја затаија државната помош и не ги исплатија парите на работниците тоа да го направат денеска и да избегнат кривична одговорност.

“Во понеделник ќе ја доставиме листата до Основното јавно обвинителство за фирмите кои според ажурираниот список на УЈП до утре нема да исплатат плата на вработените, а на кој им била исплатена финансиска помош. За оние кој извршија исплата во претходните денови нема да се бара кривична одговорност“, рече Драги Рашковски, Генерален секретар на Владата.

Последниот ажуриран список од Управата за јавни приходи се однесува на газдите кои заклучно со четврти август не ги исплатиле платите на вработените.

“Листата на фирми кои не исплатиле плата на своите вработени секојдневно се ажурира и истата се доставува до Генералниот секретаријат на Владата. Заклучно со плаќањата до 04.08.2020 година, за април не исплатиле плати 172 фирми, а за мај 241 фирми на кои им била исплатена финансиска помош, а не исплатиле плата на вработените“, велат од УЈП.

Фото: Pixabay