Последниот Bugatti на бензински погон за 4,7 милиони долари

70

Bugatti го најави производството на новата верзија на својот концептен автомобил под името Bolide кој ќе развива максимална брзина над 450 km/h, првпат претставен како концепт со моќност од 1825 КС во декември 2020 година. Но, моќноста е малку намалена за серискиот модел и треба да изнесува нешто под 1600 КС. Овој автомобил најверојатно ќе биде последниот на бензински погон кој ќе биде конструиран од страна на францускиот производител.

Од компанијата наведуваат дека Bolide ќе биде произведен само за 40 купувачи, а цената на автомобилот ќе биде најмалку 4 милиони евра, односно околу 4,7 милиони долари, пренесува CNN Business.

Автомобилот е дизајниран исклучиво за возење по спортски патеки и не е наменет за употреба на јавните патишта. Погонот го добива од модифицираната верзија на огромниот 8-литарски, 16-цилиндричен бензински мотор, кој се наоѓа во Bugatti Chiron, односно во основниот модел.

Оптималниот аеродинамички дизајн ја намалува висината на автомобилот на нешто над 90 cm, односно за околу 30 cm помала од висината кај Chiron. Поради тоа, за да влезат во Bolide, патниците ќе треба прво да седнат на прагот, да ги стават нозете внатре, а дури потоа да седнат на седиштето.

Според плановите на производителот, производството треба да започне во 2024 година. До тогаш, Bugatti ќе премине под раководство на хрватскиот производител на електрични супер автомобили, Rimac. Оваа хрватска компанија треба да ја преземе ефективната контрола над Bugatti до крајот на оваа година. Раководителите на Bugatti и на Rimac истакнуваат дека моделите на Bugatti во иднина најверојатно ќе бидат plug-in хибриди. Сепак, според извршниот директор на Rimac, Мате Римац, Bugatti во блиска иднина би можел да произведе и некои потполно електрични модели.

Фото: Facebook