Постапка за избор на најтранспарентни котирани друштва на Берзата за 2016 година

18

makedonska-berza-zvono

Во насока на продолжување на воспоставената пракса на Берзата за доделување на традиционалната годишна награда Кристално ѕвоно на најтранспарентното котирано акционерско друштво во Република Македонија, а со цел уште поголема објективност и инволвирање на повеќе релевантни претставници во изборот и вклучување на пошироката инвестициска јавност, Македонска берза направи измена во начинот и постапката за избор на добитникот на оваа награда.

Кандидати за избор на најтранспарентни котирани друштва за една календарска година се сите акционерски друштва кои во текот на таа година биле котирани на Официјалниот пазар на Македонска берза. Евалуационата постапка се одвива во две фази: елиминационо ниво и избор.

Во првата фаза, врз основа на критериумите за избор, Кандидационата комисија формира кратка листа од 10 котирани акционерски друштва – кандидати за доделување на наградата Кристално ѕвоно. Кандидационата комисија ја сочинуваат претставници на Берзата, членки на Берзата, друштва за управување со инвестициски фондови и стручната јавност.

За потребите на втората фаза се изработува посебна online анкета во форма на прашалник којашто ќе биде дистрибуирана до целните групи на оценувачи. Начинот на дистрибуирање на on-line анкетата е следен:

За целната група инвеститорска јавност во која влегува пошироката инвестициска јавност, анкетата ќе  биде поставена на интернет страната на Берзата со што се дава можност на секој кој ја посетува интернет страната на Берзата да даде оценка по однапред дефинираните категории за избраните друштва. Линк од online анкетата во продолжение: http://www.mse.mk/mk/poll.

За целната група медиуми, линкот до електронската анкета ќе биде дистрибуиран по електронски пат до избрани печатени медиуми, телевизии и интернет портали;

За целната група пазарни учесници, линкот до електронската анкета ќе биде дистрибуиран по електронски пат до сите членки на Берзата – банки и брокерски куќи, друштва за управување со отворени инвестициски фондови и два пензиски фондови;

По пополнување на online анкетата, Берзата ќе изврши прибирање на сите оценки по категории и групи на оценувачи и ќе изготви табела со збирните поени за секое друштво, согласно Методологијата усвоена од Одборот на директори на Берзата.

Првите три друштва со најголем број на поени ќе ја добијат годишната награда Кристално ѕвоно за прво, второ и трето најтранспарентно котирано акционерско друштво на Македонската берза, соодветно.

Доделувањето на наградата Кристално ѕвоно за 2016 година ќе се изврши во рамките на годишната конференција на Берзата што ќе се одржи на 21.04.2017 година во Охрид.

Табелата со збирните поени за сите друштва јавно ќе се објави на веб страната на Берзата како ранг листа на 10-те котирани друштва кои биле оценувани, како приказ за тековната состојба, односно поттик за останатите котирани друштва во насока на зголемување на нивото на транспарентност во нивното работење.