Потпишан Колективен договор помеѓу оне.Вип ДОО Скопје и Синдикалната организација на оне.Вип ДОО Скопје

41

potpisuvanje-na-kolektiven-dogovor-so-sindikatot-na-vip-one-2-large

Во просториите на Вип денеска беше потпишан Колективниот договор помеѓу оне.Вип ДОО Скопје и Синдикалната организација на оне.Вип ДОО Скопје (СООВ). Колективниот договор го потпишаа членовите на раководниот тим на Вип со претседателот на Синдикалната организација на оне.Вип, стои во соопштението.

Со потпишувањето на колективниот договор, што се случува по интензивни преговори меѓу раководството на компанијата и СООВ, се уредуваат фундаменталните права на вработените во оне.Вип и се решаваат голем дел од предизвиците со кои се соочуваше компанијата во минатиот период.

“Менаџментот на Вип секогаш имал слух и разбирање за потребите на вработените, а Колективниот договор е потврда за определбата на компанијата да го почитуваме правото на слобода на здружување и колективно преговарање. Овој документ претставува темел за понатамошните заложби на двете страни за унапредување на релациите меѓу вработените и менаџментот се со цел да овозможиме здрав дијалог во креирањето на здрава работна средина. Со потпишувањето на Колективниот договор докажуваме дека сме компанија која, пред се, посветува внимание на правата на вработените, условите за работа и системите за унапредување и наградување, што потврдува дека Вип е најдоброто место за постигнување на врвни резултати во професионалната кариера“, изјави Димитар Ковачевски, извршен директор на оне.Вип.

“Ни претставува задоволство што успешно го финализиравме овој процес. Со колективниот договор подетално се регулираат правата и обврските на сите вработени во оне.Вип, а оние ставки што се предвидени во Законот за работни односи и во Општиот колективен договор за стопанството се допрецизираат во корист на вработените во оне.Вип“, изјави Звонко Младеновски, претседателот на Синдикалната организација на оне.Вип.

Меѓу другото, колективниот договор подетално ги уредува правата и обврските на работодавецот и вработените, отсуствата од работа, плата и додатоци, откажување на договорот за вработување, начинот и постапката за утврдување на бројот и структурата на вишокот на вработени како и критериуми за унапредување.

По спојувањето на телекомуникациските оператори ОНЕ и Вип во ново друштво оне.Вип во 2015 година, Синдикалната организација на ОНЕ (СОО) се пререгистрира во Синдикална организација на оне.Вип (СООВ) и како таков субјект од областа на синдикалното здружување делува како претставник на работниците во сите три компании (ОНЕ, Вип и Blizoo), коишто ја сочинуваат новата компанија оне.Вип.