Потпишан Меморандум за разбирање меѓу Македонија и Швајцарија и промовирана Програмата за зголемување на пазарната работливост

22

IMG_7735

Заменикот претседател на Владата на Македонија Владимир Пешевски, и в.д. Амбасадор на Швајцарија во Македонија Катарина Штокер потпишаа меморандум за разбирање за взаемната соработка при имплементација на Програмата за зголемување на пазарната вработливост.

Програмата за зголемување на пазарната вработливост (Increasing Market Employability – IME) е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) имплементирана од  водечкиот партнер Swisscontact, во соработка со локалниот партнер ПРЕДА Плус. Првата фаза од програмата се имплементира од 2015 до  2019 и е со буџет од 6.25 милиони швајцарски франци.

Програмата е фокусирана на обезбедување на системски промени кои ќе овозможат пристојни вработувања или самовработувања и повисоки примања пред сѐ за младите.

“Денеска со потпишување на меморандумoт за разбирање помеѓу Швајцарската Конфедерација и Република Македонија официјално ќе го одбележиме започнувањето на имплементацијата на проектот „Зголемување на пазарната работливост. Подобрувањето на условите за вработување е клучен елемент при спроведувањето на политиките за раст на економијата за која било земја во светот, а особено е важно за една земја во развој како што е Македонија. Владата на Република Македонија, во континуитет спроведува програми и политики за отворање на нови работни места, подобрување на условите за вработување, зголемување на можностите за вработување на младите лица, долгорочно невработените, како и социјално ранливите групи. Токму во таа насока е и програмата за зголемување на пазарната вработливост, чија цел е создавање на работни места и зголемување на приходите на невработените и несоодветно вработените жени и мажи во Македонија, со особено истакнат акцент кон вработување на младите лица“, изјави заменик претседателот на Владата на Република Македонија, Владимир Пешевски.

Очекуваните клучни резултати од програмата се, во период од 4 години, да се создадат повеќе од 2.000 директни или индиректни работни места и да се зголеми нето приходот на повеќе од 1.000 мали и средни претпријатија за 1,5 милиони евра.

“Швајцарија ја поддржува Македонија од раните 1990-ти. Низ годините, соработката помеѓу Швајцарија и Македонија растеше, за денес Швајцарија да има обезбедено помош од 85 милиони швајцарски франци за периодот 2013-2016. Се радувам што започнуваме една навистина важна програма меѓу Швајцарија и Република Македонија каква што е програмата за зголемување на пазарната вработливост, која во првата фаза е предвидена да трае 4 години со можност за продолжување“, изјави в.д. Амбасадор на Швајцарија во Македонија Катарина Штокер.

Програмата работи во пет потсектори во економијата: туризам, ИТ сектор, дизајн на производи, органско земјоделство и енергетско ефикасно градежништво.

“Во соработка со приватниот сектор ќе се работи на подобрување на можностите за зголемен пристап до меѓународните, регионалните и домашните пазари, на развој на производи, пристап до финансии и квалификувана работна сила со цел да се обезбеди раст на претпријатијата“, додаде на крај Розанди Лоу, програмски директор на IME.