Потпишан Меморандум за соработка меѓу единаесет факултети за електротехника и информатичка технологија од Балканот

48

dekani

Меморандум за соработка во образованието, регионалната соработка и пријателство потпишаа единаесет факултети за електротехника и информатичка технологија од Балканот. Целта на заедничката меѓусебна соработка е да се создадат електроинженери како балкански бренд.

“Наша цел е да создадеме квалитетни инженери од овој балкански регион. Тие да бидат бренд”, рече професор Драган Јанковиќ од Електротехничкиот факултет во Ниш, Србија.

Претставниците на електротехничките факултети од балканскиот регион очекуваат во наредните месеци да се видат првичните резултати од оваа соработка. Првите луѓе на факултетите за електротехника и информациски технологии од Србија, Словенија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Македонија, со овој документ потпишан во Охрид, се сложија да соработуваат во насока на зголемување на можностите за развој на академските истражувања преку размена на студенти и наставници, размена на знаење и информации, соработка во имплементација на докторските студиски програми, соработка во меѓународни билатерални и мултилатерални проекти, партиципација во разни конференции и на разни настани.

Меморандумот го потпишаа домаќинот на оваа конференција – Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), како и Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ), потоа Факултетот за електрично инженерство од Универзитетот во Љубљана, Словенија, Школата за електрично инженерство при Универзитетот во Белград, Србија, Факултетот за технички науки при Универзитетот во Нови Сад, Србија, Факултетот за електрично инженерство од Универзитетот во Подгорица, Црна Гора, Факултетот за електрично инженерство и компјутерство од Универзитетот во Загреб, Хрватска, Факултетот за електрично инженерство од Универзитетот во Тузла, БиХ, Факултетот за електрично инженерство и компјутерски науки од Универзитетот во Марибор, Словенија, Факултетот за компјутерство и информатички науки од Универзитетот во Љубљана, Словенија и Факултетот за електрично инженерство од Универзитетот во Ниш, Србија.

Оваа конференција се одржува втор пат. Минатата година, првите луѓе се сретнаа во Порторож, а во организација на Електротехничкиот факултет при Универзитетот во Љубљана, Словенија.