Потписот на Трамп ќе се најде на американскиот долар

Администрацијата на Доналд Трамп планира историски потег – за прв пат во модерната историја, сегашниот претседател на Соединетите Американски Држави ќе го има својот потпис на американските банкноти.

Според соопштението на Министерството за финансии на САД, а како што објави Би-Би-Си, потписот на Трамп ќе се појави заедно со потписот на министерот за финансии Скот Бесент, што е преседан во сегашната пракса. Потегот е дел од одбележувањето на 250-годишнината од основањето на Соединетите Американски Држави.

Бесент истакна дека ова е симболичен начин за признавање на „историските достигнувања на земјата и претседателот“, нагласувајќи дека банкнотите со името на Трамп ќе претставуваат силен национален симбол.

Првите банкноти од 100 долари со нови потписи треба да бидат испечатени веќе во јуни, а потоа постепено ќе се воведуваат и други апоени. Банкнотите со потписите на поранешната секретарка за финансии Џенет Јелен и благајничката Лин Малерба се моментално во оптек.

Оваа одлука, исто така, означува отстапување од долгогодишната традиција според која американските банкноти се потпишуваат исклучиво од службеници на Министерството за финансии, практика што датира од 19 век.

Првите банкноти од 100 долари со новиот потпис ќе бидат отпечатени во јуни, а подоцна и останатите номинали. Од 1861 година, на американските пари традиционално стои само потписот на министерот за финансии. Актуелниот министер Скот Бесент изјави дека ова е начин да се признаат „историските достигнувања“ на претседателот Трамп.

Овој потег доаѓа во поширокиот контекст на напорите на администрацијата да го поврзе името на Трамп со низа владини проекти и јавни иницијативи. Неодамна, на пример, беше одобрено и производство на комеморативна златна монета со неговиот лик по повод истата годишнина.

Како што се очекуваше, одлуката предизвика и политички реакции. Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, долгогодишен критичар на Трамп, ја искористи можноста да ги нападне економските политики на администрацијата, велејќи дека граѓаните „ќе знаат точно кого да обвинат за зголемувањето на трошоците за живот“.

И покрај критиките, Министерството за финансии вели дека американската валута останува симбол на стабилност, сила и континуитет на државата, додека новиот дизајн на банкнотите дополнително ќе го нагласи историскиот момент на одбележување на 250 години од американската независност.