Потребен ви е автомобилски кредит…?

55

kredit

Фото: Pixabay

Автомобилот за многумина е основно превозно средство без коешто не можат да го замислат денот, ниту да ги извршуваат секојдневните обврски. Луѓето на кои мобилноста им е клучна, а немаат доволно сопствени средства, решаваат да земат автомобилски кредит.

За да може да го добие кредитот, клиентот треба да исполни одредени услови. Месечниот ануитет (рата и камата) треба да се покрие со една третина од месечните примања на кредитобарателот. За банките, исто така, важна е и возраста на кредитобарателот, па некои ја лимитираат до 70 години. Банките овозможуваат кредитокорисникот да побара поддршка од ко – кредитобарател со кој не мора да биде во роднинска врска, но мора да е кредитоспособен.

Откако кредитобарателот начелно ги исполнува овие услови, должен е да ја пополни апликацијата за автомобилскиот кредит. Во оваа апликација, треба да се пополнат сите информации што се неопходни за да може да се разгледа кредитното барање и истото да се одобри или одбие. Во првиот дел од апликацијата се пополнуваат личните податоците на кредитобарателот: име и презиме, место и датум на раѓање, адреса, брачна состојба, телефон и електронска пошта за контакт. Во следниот сегмент треба да се остават податоци за вработување: име на компанијата, функција, професија, стаж, претходни вработувања… За банката е важна и имотно – финансиската состојба на кредитобарателот, вкупните приходи и расходи, движен и недвижен имот… Подолу се потребните податоци за кредитот, за возилото, како и информации за ко-кредитобарателот, доколку го има.

Освен апликацијата, кредитобарателот има обврска да приложи и копија од важечки личен документ (лична карта или пасош), потврда за редовно вработување, профактура од авто дилерот од каде што се купува возилото…

Секоја банка различно го утврдува износот на автомобилскиот кредит. Кај некои банки, износот зависи од вредноста на автомобилот, додека други го лимитираат и до 70.000 евра. Во однос на каматните стапки, тие се движат од 7% нагоре во зависност од тоа дали кредитобарателот ја прима платата во банката или не. Различни се и каматните стапки за денарски или девизен кредит. Банката бара и учество на кредитобарателот со сопствени средства во одреден процент од вкупниот износ на кредитот и тој може да расте со зголемување на износот на автомобилскиот кредит.

Она што е карактеристично за автомобилските кредити, кога станува збор за обезбедувањето, е тоа што се запишува заложно право на автомобилот во корист на банката. Како обезбедување, банката бара и административна забрана, меница и менична изјава, договор за залог и полиса за автомобилско осигурување.

Во политиката на секоја банка се вметнуваат и сите трошоци што се наплаќаат при анализа, обработка и администрирање на кредитното барање. Вообичаено, банката наплаќа фиксен износ или процент од износот на кредитот, трошоци за меница, трошоци за упис на заложно право, како и трошоци за автомобилско осигурување. Кога станува збор за предвремената отплата на кредитот, банките не наплаќаат пенали за таа цел.