Потребен ви е потрошувачки кредит…?

123

prodazba-1-pixabay

Фото: Pixabay

Кредитот во современи услови претставува еден од најважните извори на финансирање. Преку кредитите се задоволуваат потребите, како на населението, така и на компаниите и целокупното општество.

Кога станува збор за финансирање на потребите на населението, еден од најважните кредити е токму потрошувачкиот. Овој вид на кредит на секое семејство му овозможува потрошувачка над моментално расположливите средства. Потрошувачкиот кредит е значаен, не само за зголемување на лична потрошувачка, туку и за поттикнување на поголем економски развој.

За да може еден граѓанин да аплицира за потрошувачки кредит, мора да исполни одредени услови, коишто се разликуваат во секоја банка. Но, како најчести услови што треба да се исполнат се: лицето да биде државјанин на Македонија, да не надминува одредена возрасна граница, да биде кредитоспособен, да има уредна кредитна историја во банката и во кредитниот регистар на Народната банка на Македонија најмалку шест месеци наназад, утврден минимален месечен приходи…

Следниот чекор е пополнување на апликација за барање на потрошувачкиот кредит. Секоја банка во согласност со својата политика, ги дефинира податоците во апликацијата, каде што најчесто се бараат: лични податоци на кредитобарателот, бараниот износ, рок на отплата, начин на обезбедување, намена за користење на бараните средства, потврда за вработување и примање нето плата, имотно – финансиска состојба на кредитобарателот…

Освен барањето за потрошувачки кредит, секој граѓанин што аплицира во банката мора да прикаже и копија од личен документ, потврда за редовно вработување, согласност за доставување извештај од Македонското кредитно биро, изјава за донесување на Решение за административна забрана и слично.

Потрошувачките кредити вообичаено гласат на помали износ, па во зависност од банката, кредитот може да достигне максимален износ и до 15.000 евра. Кога станува збор за каматните стапки, поради поголемиот ризик, се појавуваат и повисоки стапки за разлика од другите видови на кредити. Но, праксата често покажува дека поединците се “каматно нечувствителни“, па само им е важен износот што ќе го добијат и ануитетот (рата + камата) што треба месечно да го отплаќаат. Најчесто каматата е фиксна во првата година и се движи од 6% па нагоре. За остатокот од периодот се применува променлива годишна каматна стапка.

Потрошувачките кредити или се даваат без обезбедување или пак со минимален колатерал. За да бидат банките сигурни дека клиентот навреме ќе го плаќа ануитетот, најчесто како инструмент за обезбедување користат меница или административна забрана.

Бидејќи секоја банка троши од сопствените ресурси за разгледување и анализа на кредитното барање, кредитобарателот ќе мора да плати и одредени трошоци за кредитот. Најчесто тоа е фиксен процент од износот на кредитот, средства за аплицирање и обработка на кредитот, трошоци за меница, трошоци за интеркаларната камата (овој вид на камата се пресметува од денот на користење на средствата до денот на ставање на кредитот во отплата по каматна стапка еднаква на каматната стапка на кредитот), трошоци за заверка на договорот…

Иако предвремената отплата за банката претставува дополнителен трошок, кај овие кредити банките најчесто не наплаќаат провизија.