Потрошувачите најмногу се жалат од неквалитетни производи

20

Потрошувачите најчесто се жалат од неквалитетни производи, како бела техника, технички производи и производи во домот и сè повеќе доминираат јавните и финансиски услуги, додека бројот на поплаки останува околу 3.000 во рамки на цела Македонија, јавува Миа.

Тоа го посочи претседателката на Организацијата на потрошувачите на Македонија Маријана Лончар Велкова, во рамки на форумот за унапредување на правата на потрошувачите.

“Сметаме дека треба многу да се работи на централно ниво на подигање на свеста на потрошувачите, но и на давателите на услуги за правата на потрошувачите. Да се донесе нов закон за заштита на потрошувачите, со цел да се унапредат правата таму каде што треба, како што е гаранцијата, означувањето на цената и други области кои не се соодветни и разбирливо уредени“, рече Велкова.

Посочи дека граѓаните стануваат сè посвесни за кршење на нивните права како потрошувачи, особено на територија на Град Скопје каде има 617 барања и извршени советувања, од кои 384 телефонски и 193 по електронска пошта.

“Поплаките од неквалитетни производи се 371, од кои 71 за бела техника, 120 за технички апарати и 65 за производи во домот. Специфични советувања во доменот на храната, а се повеќе доминираат и финансиските услуги“, рече Лончар Велкова.

Истакна дека е неопходно јака организација, што ќе расне и со средства и со луѓе за да се докаже тоа што се случува преку истражувања, анализи и барање законски промени.