Повеќе од 350 посетители на конференцијата Microsoft Визија: Reloaded

3

img_0618

На 16-ти и 17-ти ноември се одржа најголемиот и најзначајниот ИТ настан годинава во земјава, конференцијата Microsoft Визија: Reloaded, којашто предизвика голем интерес кај јавноста, стои во соопштението.

Хотелот Мериот во Скопје беше центарот на случувањата за ИТ и за бизнис секторот каде за време на двата дена од новата, освежена и надополнета Microsoft Визија конференција повеќе од 350 посетители имаа можност да чујат педесетина предавања од професионалци во ИТ индустријата од нашата земја, но и од целиот свет, како и да учествуваат во разни дискусии и панели.

Една од главните теми на конференцијата беше Дигиталната трансформација на бизнисите, а главен говорник беше Мајкл Когелер, генерален директор за CEE Multi-country Europe во Microsoft, кој опфаќа 15 земји во Централна и во Источна Европа и кој со својот уникатен стил на презентирање ги воодушеви присутните. Според Когелер, тектонските промени во информатичките технологии ја форсираат дигиталната трансформација која креира раст, конкурентност, зголемена продуктивност и брз проток на информации преку трансформација на бизнис процесот, трансформација на продуктите и начинот на интеракција со клиентите и вработените.

“На Македонија и недостасуваше Визија, а овие два дена само го потврдија тоа. Мериот беше претесен за да ги собере на едно место сите заинтересирани ИТ и бизнис професионалци кои што имаа можност да ја откријат целата приказна за дигиталната трансформација и да ги дознаат потенцијалите и можностите за зголемување на продуктивноста користејќи ја технологијата во рацете на бизнисот. Овие два возбудливи дена само ни даваат поттик за да работиме уште од сега за следната Microsoft Визија: Reloaded 2017“, изјави Љупчо Георгиев, директор на Microsoft Македонија и Косово.

Во рамки на Microsoft Визија: Reloaded се одржа и Device Days, традиционален настан којшто Microsoft секоја година го прави за своите партнери. За време на Device Days беа претставени новите функционалности на Windows 10 Pro како и новите уреди со Windows 10 достапни во Македонија. Исто така беше претставен и новиот Windows Server 2016 како и разни бизнис сценарија за компаниите од сите сектори.

На самата конференција, помеѓу сите активности, Microsoft Македонија во соработка со Цертиадриа обезбеди и бесплатни ваучери за 30 кандидати вработени во јавната администрација кои на самото место го полагаа испитот Microsoft Office Specialist.

На Microsoft Визија: Reloaded беа доделени и многу награди за учесниците, меѓу кои и фантастичниот велосипед – BMW Cruise Bike 2016, обезбеден од страна на еден од спонзорите – М Кар.

Стратешки партнер на конференцијата беше компанијата Nextsense, а ексклузивен партнер компанијата IT Labs, додека златни партнери беа компаниите Cacttus, VEEAM, TDK и RRC.