Фото: Pixabay
На први и втори декември, во хотелот Мериот во Скопје ќе се одржи вториот Скопски вински салон, Винодонија 2017, каде посетителите ќе можат да дегустираат преку 350 видови вино од 40 македонски и винарии од регионот, Италија, Франција, јавува МИА.
Настанот е во организација на група вински консултанти, судии и ентузијасти под покровителство на Здружението на сомелиери на Република Македонија, а освен дегустации на вино, предвидена е и дегустација на најразлични домашни и увозни сирења и сувомесни производи.
Македонските вина ќе можат да се пробаат во комбинација со специјалитети од Дубровник, а ќе учествуваат и гастро-изложувачи и претставници од Слоу фуд Македонија, кои на посебни штандови ќе понудат наша, традиционална храна.
Второто издание на Винодонија официјално ќе почне во петок во 13 часот, а директните средби на претставниците од винариите ќе траат до 16 часот. За јавноста, пак, настанот ќе биде отворен од 16 до 20 часот во петок и од 13 до 20 часот во сабота.
Цената на еднодневните влезници е 490 денари, со вклучен подарок – чаша и неограничено дегустирање, додека билетите за работилниците се со различни цени, од 600 до 1.800 денари.