Повеќе од 7.000 банкари се преселиле од Британија во ЕУ

68

Повеќе од 7.000 вработени во финансискиот сектор се префрлени од Лондон во Европската унија како резултат на Брегзит, што е за 400 помалку од проценката дадена минатиот декември, објави денеска консултантската компанија EY.

Иако вкупниот број е значително помал од 12.500 работни места кои компаниите ги предвидоа во 2016 година, кога Велика Британија гласаше за напуштање на Европската унија, не е исклучен понатамошен раст на преместувањето, според EY во новиот извештај „Brexit Tracker“, пренесува Reuters.

Во исто време, новите работни места поврзани со Брегзит изнесуваа вкупно 2.900 низ Европа и 2.500 во Британија, каде што нешто повеќе од еден милион луѓе работат во секторот за финансиски услуги, според истражувањето.

Понатамошните преместувања би можеле да бидат резултат на проверка на Европската централна банка (ЕЦБ) за тоа дали „централите за Брегзит“ отворени од лондонските банки како нивна европска база имаат доволно персонал за да го оправдаат добивањето лиценца за работа, според EY.

Најпопуларна дестинација за преместување на персоналот и отворање банкарски центри е Даблин, а потоа следат Луксембург, Франкфурт и Париз.

Најдобар резултат во однос на привлекување работни места од Лондон, според извештајот на EY, постигнал Париз, каде биле префрлени вкупно 2.800 вработени, а потоа Франкфурт со околу 1.800 и Даблин со 1.200.

Трансферот на средства од Лондон до финансиските центри во ЕУ се уште изнесува околу 1,3 трилиони фунти (1,7 трилиони долари), се наведува во извештајот.