Повисока добивка на банките во првиот квартал

93

Во првиот квартал од 2021 година, домашниот банкарски систем оствари повисока добивка од работењето, во споредба со истиот период од претходната година. Повисокиот финансиски резултат најмногу произлегува од намалувањето на трошоците за исправка на вредноста, а значаен придонес за растот на добивката имаа и повисоките некаматни приходи, кои, покрај од зголемувањето на нето-приходите од провизии, во голема мера беа резултат и на еднократни ефекти, при умерен пад на нето каматните приходи, покажуваат Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во првиот квартал на Народна банка.

Стапките на поврат на просечната актива и просечниот капитал и резерви забележаа подобрување во споредба со првото тримесечје од 2020 година и достигнаа нивоа од 1,3% и 11,3% соодветно. Сличен тренд е присутен и кај показателите за оперативната ефикасност, со оглед на малку пониските оперативни трошоци, во однос на истиот период од претходната година.

Во првиот квартал од 2021 година, банкарскиот систем продолжи да работи во услови на сѐ уште висока неизвесност, поради пандемијата, потврдувајќи ја својата подготвеност да одговори на ризиците со кои е соочен и истовремено да обезбеди натамошна кредитна поддршка за економијата. Така и по една година од избувнувањето на пандемијата, економијата се соочи со трет и најсилен бран на инфекции, проследен со воведување рестриктивни мерки, иако значително поблаги и поселективни споредено со претходните.

Во такви услови, активностите на банкарскиот систем продолжија да растат, иако нивното квартално зголемување беше побавно во споредба со претходното тримесечје, што во одредена мера се поврзува и со делувањето на сезонските ефекти. На страната на изворите на средства, продолжи растот на депозитите, што ја потврдува довербата на јавноста во стабилноста на системот. Повисокото ниво на капиталот и на резервите, заради задржувањето на добивките од 2020 година, исто така значително придонесе за кварталниот раст на изворите на средства.

Со цел јакнење на стабилноста, сигурноста и капацитет на банкарскиот систем за натамошна кредитна поддршка на економијата, во февруари, 2021 година Народната банка донесе одлука за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите. Мерката е со важност до крајот на 2021 година, но со можност да биде предвремено укината, зависно од околностите со пандемијата. Во првиот квартал од 2021 година, банките обезбедија солиден кредитен раст, иако малку забавен споредено со претходното тримесечје, што исто така во одредена мера може да се поврзе со делувањето на сезонските ефекти.

Од почетокот на кризата, Народната банка донесе низа мерки за одржување на кредитниот циклус и задржување на поволните финансиски услови во економијата, како и за обезбедување дополнителна ликвидност во банкарскиот систем. За таа цел, во март 2021 година, основната каматната стапка беше намалена за дополнителни 0,25 процентни поени (п.п.), до нивото од 1,25%.

Од почетокот на пандемијата, подржано преку мерките за регулаторна флексибилност на Народната банка, банките го олеснија кредитниот товар за голем дел од своите клиенти, преку одобрување на некоја форма на олеснување на отплатата на кредитите, претежно преку одобрување грејс-периоди или привремено одложување на отплатата на обврските по кредити. На 31.3.2021 година, само околу 2% од вкупните редовни кредити сѐ уште користат некоја форма на олеснување на отплатата, којашто, ќе истече во наредните два квартала.

Солвентноста на банкарскиот систем бележи подобрување. На 31.3.2021 година, стапката на адекватност на капиталот изнесуваше 16,8%, што е малку подобро во споредба со крајот на 2020 година. Растот на сопствените средства, пред сè како резултат на реинвестираните добивки, имаше најголем придонес за зголемувањето на стапката на адекватност на капиталот. Сите банки располагаат со сопствени средства од висок квалитет и имаат одредено ниво слободни сопствени средства над потребниот регулаторен и супервизорски минимум.

Спроведеното стрес-тестирање на отпорноста на банкарскиот систем на симулираните шокови покажува задоволителна отпорност, слично како и на 31.12.2020 година. Во првиот квартал од 2021 година, во услови на понатамошен раст на ликвидните средства на македонскиот банкарски систем, показателите за ликвидноста се задржаа на стабилно и задоволително ниво. Потврда за задоволителниот обем на ликвидни средства којшто им овозможува на банките непречено извршување на своите деловни активности се и резултатите од симулациите за комбинирани ликвидносни шокови. Тие упатуваат на соодветно управување со ликвидносниот ризик од страна на банките и задоволителна отпорност на претпоставените екстремни ликвидносни одливи. Во првиот квартал од 2021 година, остварувањето на кредитниот ризик е нешто повисоко, што се согледува преку повисокото ниво на нефункционални кредити. Ова главно беше концентрирано кај кредитите на домаќинствата, додека нефункционалните корпоративни кредити останаа речиси непроменети.

Притоа, стапката на нефункционални кредити бележи минимално влошување и изнесува 3,5%. Во првиот квартал од 2021 година, соодносот меѓу нефункционалните и вкупните корпоративни кредити минимално се намали до ниво од 5,1%. Спротивно движење е забележано во кредитното портфолио составено од домаќинства, каде што стапката на нефункционални кредити се влоши за 0,4 процентни поени и на 31.3.2021 година изнесува 2,0%. Ваквите движења произлегуваат од кредитите кај коишто претходно им била привремено одложена наплата поради пандемијата. Покриеноста на нефункционалните кредити со исправка на вредност забележа намалување за неколку процентни поени, до ниво од 69,7%, коешто, и натаму, е солидно.

Изложеностите на банкарскиот систем на валутниот и ризикот од промена на каматните стапки во портфолиото на банкарски активности изнесуваат 6,9% и 9,8% од сопствените средства, соодветно, што е прифатливо и далеку под пропишаните лимити. Динамиката и опфатот на вакцинацијата, но и развојот на самата пандемија во наредниот период, во голема мера ќе влијаат врз динамиката на закрепнување на економската активност и последователно, и врз активностите на банкарскиот систем. Народната банка ќе продолжи будно да ги следи состојбите и соодветно ќе презема мерки секогаш кога е потребно.

Фото: Pexels