Повторно актуелизирана изградбата на скијачкиот центар Галичица

26

Градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески повторно ја актуелизираше темата за изградба на скијачки центар на планината Галичица, појаснувајќи дека реномирана канадска фирма веќе има изработено физибилите студија за проектот.
Според податоците на Бакрачески, скијачкиот центар ќе има 15 километри скијачки патеки, ќе биде на атрактивна локација на планината Галичица, а од центарот на Охрид до скијачкиот центар ќе се стигнува со жичница која ќе тргнува од автокампот Градиште.
“Физибилити студијата покажа дека е изводливо да се изгради скијачки центар на Галичица. Беа посочени неколку локации за изградба на скијачката патека од кои се избра само една. Потоа се пристапи кон изработка на мастер-план, кој го изработува истата канадска фирма и кој треба да биде готово до крајот на април оваа година”, рече Бакрачески.
Градоначалникот додаде дека веќе е формиран тим кој ќе работи на промоција на скијачкиот центар, како и тело кое ќе ја следи реализацијата на проектот.
Идејата за изградба на скијачки центар не е нова и таа потекнува од хотелиерите кои сметаа дека со тоа ќе се заокужи понудата за охридско-преспанскиот регион.