Групацијата Триглав со своето добро работење во 2014 година уште повеќе го подигна нивото на финансиска стабилност, ја зајакна водечката позиција во Словенија и ја задржа цврстата позиција во југоисточна Европа, се наведува во соопштението на компанијата.
Групацијата Триглав минатата година успешно ја играше улогата на пазарите во Словенија, Македонија и Црна Гора. Во Словенија го подобри својот пазарен удел за 0,3 процентни поени, постигнувајќи удел од 36,1%. Во Црна Гора нејзиниот пазарен удел изнесуваше 38,2%. Во Македонија, каде што групацијата работи во доменот на неживотно осигурување, пазарниот удел во овој сегмент се зголеми за 0,24 процентни поени и постигна удел од 17%. Групацијата најмногу ја подобри својата положба во Србија и тоа за 0,7 процентни поени, а на крајот на третото тромесечје на 2014 година нејзиниот пазарен удел изнесуваше 3,7%. Ист удел во пазарот имаше и во Хрватска, додека пак во Босна и Херцеговина достигна пазарен удел од 7,6%. Во Чешка, каде што зависното друштво на групацијата е во постапка на продажба, пазарниот удел во доменот на неживотно осигурување изнесуваше 0,9%.
“Зад нас е година којашто ја обележаа поволни односи на капиталните пазари и сè уште тешката бизнис клима во основната осигурителна дејност. Словенечкото стопанство веќе ги покажува првите знаци на подобрување, а повеќето од државите на југоисточна Европа прикажуваат скромен економски раст, но на пазарите на осигурување сè уште се чувствуваат последиците од долгогодишната економска криза. Како добар показател го оценуваме фактот дека во 2014 година ја подобривме позицијата на водечката осигурително – финансиска групација на словенечкиот пазар, која во светски рамки е мала, но спаѓа меѓу подобро развиените. Пазарите на осигурување во регионот Адриа спаѓаат во перспективни подрачја, со потенцијал за раст, па поради тоа зајакнувањето на нашата позиција и зголемувањето на обемот на работа на овие пазари за нас се значајна стратешка насока. Групацијата Триглав и во иднина ќе ја спроведува планираната стратегија, во чиј фокус е постигнувањето на што повисок профит, финансиска стабилност и безбедност на работењето“, рече Андреј Слапар, претседателот на Управата на Заваровалница Триглав.
Триглав Осигурување АД Скопје минатата година ја зајакна водечката позиција на македонскиот пазар, обезбедувајќи пазарен удел од 17% во доменот на неживотно осигурување (0,24 процентни поени повеќе отколку во 2013 година). Компанијата обезбеди раст на бруто полисирана премија од 6%, споредено со 2013 година, којашто изнесуваше 18,6 милиони евра (1,14 милијарда денари). Меѓу останатото, компанијата засилено работеше на проширување на сопствената продажна мрежа и на развој на нови производи, особено во доменот на доброволното здравствено осигурување (во септември 2014 година компанијата доби лиценца за здравствено осигурување од Агенцијата за супервизија на осигурување).
“Една од најуспешните деловни години за Триглав Осигурување АД Скопје е зад нас. Тоа е година во која ја зајакнавме водечката позиција со пазарен удел од 17% и остваривме раст на бруто полисираната премија од 6%, споредено со претходната година, додека пазарот на неживотно осигурување во земјата оствари раст од 4%. Во 2014 година Триглав Осигурување Скопје оствари профит пред оданочување за 69% поголем од планираниот, во износ од скоро 1,1 милиони евра (66 милиони денари), а во делот на бруто ликвидираните штети, компанијата повторно имаше најголем пазарен удел. Сето ова укажува на финансиската стабилност на компанијата, чиј главен фокус е понатамошниот развој на сопствената продажна мрежа, којашто во 2014 година обезбеди 15% повисок удел во бруто полисираната премија, споредено со 2013 година“, изјави Сања Танчевска, извршен директор на Триглав Осигурување АД Скопје.