Позната млекара го гаси производството во Хрватска

295

Фабриката за млечни производи, Meggle во Хрватска најави дека до крајот на годинава ќе го затвори производството во Осијек, а ќе бидат отпуштени околу 160 работници.

Одлуката за реструктуирање на бизнисот во Хрватска и затворање на производството во Осијек до крајот на годината е донесена поради долгорочни деловни предизвици и серија кризи коишто имаат негативно влијание врз бизнисот, од кризата Agrokor до најновата корона криза.

Во соопштението се наведува дека Meggle group, со седиште во Германија, го спроведува процесот на оптимизирање на целиот бизнис, со цел поставување долгорочни одржливи деловни модели на сите пазари, пренесува Index.hr.

Како што e најавено, Meggle ќе работи преку новиот деловен модел на хрватскиот пазар од први јануари 2021 година и ќе обезбеди квалитетна отпремнина и услови за раскинување на договорите за вработување преку социјален дијалог со вработените и сите релевантни тела.

“Одлуката за затворање на производството беше одложена неколку пати во последните неколку години со надеж дека деловните услови и околности ќе се подобрат и конечно беше донесена само кога дефинитивно ќе бидат исцрпени сите други опции“, стои во соопштението.

Во согласност со решението за гасење на производството, Мeggle ќе ја прекине соработката со своите кооперанти и добавувачи на суровини во Хрватска и најавува дека ќе ги исполни сите свои договорни обврски кон нив навремено и во целост.

Компанијата потсетува дека Meggle има инвестирано повеќе од 17,2 милиони евра во производството и бизнисот во Хрватска во последните 15 години. Мeggle работи во Хрватска од 1996 година.

Фото: Facebook