Вчера во Белград познатиот економист и добитник на Нобелова награда за економија во 2008 година, Пол Кругман, одржа предавање за начините како Србија да излезе од кризата.
“Државата мора да ја поддржи куповната моќ на населението бидејќи е очигледно дека мерките за штедење не дадоа резултати во Грција”, нагласи Кругман, според кого рецептот за поттикнување на куповната моќ е применлив и во Србија.
“Фактот дека динарот девалвираше сам по себе не е лош бидејќи ја зголемува конкурентноста на стопанството, а српската валута и натаму е преценета”, рече познатиот економист, но истовремено предупреди дека најголемиот дел на долгот на земјата е во евра, па девалвацијата на домашната валута негативно ќе влијае на зголемување на тој долг.
“Да го нема тој долг, би можеле да го девалвирате динарот и да ја зголемите конкурентноста”, порача Кругман.
Според познатиот економист, во изнаоѓањето пат за излез од кризата неопходни се избалансирани решенија во монетарната и во фискалната политика.
“Имате надворешни сили кои бараат строги мерки на штедење, но мерките на штедење го продлабочуваат падот на економијата и сега се поставува прашање што да се прави во таква ситуација”, рече Кругман. Тој додаде дека за Србија најважен пазар и натаму е Европа, но дека треба да се искористат и можностите кои ги има во Азија и во другите региони.