Пракса, работа и волонтирање prv.mk, апликација достапна за младите

83

vr Пракса, работа и волонтирање prv.mk е првата мобилна апликација наменета за млади, на која можат да се најдат информации за вработување, стекнување работно искуство, волонтирање, но и за активните мерки и обуки за вработување.
“Денеска промовиравме една алатка со која на младите невработени лица ќе им се овозможи побрз пристап до информации за слободните работни места на пазарот на труд. Неслучајно тргнавме од девизата од информација до кариера. Идејата е да им помогнеме на младите преку и со информација да започнат кариера. Токму затоа промовираме една многу интересна комуникативна алатка. Андроид мобилна апликација која е директно поврзана со можностите за вработување, пракса и волонтирање”, рече министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Спасов појасни и дека апликацијата значи и надградба на веб сервисот на Агенцијата за вработување кој практично ги дава сите информации за сите отворени огласи за сите работни места, но и за активните мерки и политики за вработување.
“Сакаме младите да добијат навремена информација за сите можности кои ги имаат, за сите огласи, но и за сите мерки, за обуките. Да ги поттикнеме да не се откажуваат, да даваат се од себе, да аплицираат и да се борат да најдат работа, да ги надградуваат своите капацитети,” додаде Спасов.
Постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Лиза Винтон, истакна дека оваа алатка е првенствено наменета за младите кои сакаат да се вработат и стекнат одредено искуство.
“Нашата идеја е не да им се донесат на луѓето решенија за да се вработат, туку да им се помогне сами да дојдат до решението”, рече Винтон.
Апликацијата е изработена од страна на студентите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ.
“Се надевам дека апликацијата ќе биде добра за сите. Таа треба да се инсталира, но има и веб страница. На неа можат да се најдат информации за тоа во кои градови колку слободни работни места има, но и кои профили се бараат”, рече деканот на ФИНКИ, Димитар Трајанов.
Идејата да се направи и мобилна апликација, а не само веб страница, потенцираше деканот Трајанов, е поради фактот што телефоните се постојано со нас и на таков начин може на секое место и во секое време да се дојде до потребната и сакана информација.