Прашања што треба да им ги поставите на вработените за да не си заминат

2

conference-2110768_960_720

Фото: Pixabay

Наоѓање и задржување на добрите работници се клучни предизвици со кои се соочуваат компаниите. Ако не успеете да ги задржите добрите работници, тогаш компанијата ќе се соочи со домино ефект (незадоволни клиенти и соработници, лоша организација, намалена продажба…), а тоа може многу скапо да ја чини.

За да се задржат добрите вработени потребно е да им се овозможи слобода за претставување на нивните идеи, обуки и едукација, постојан фидбек за состојбата во компанијата, како и признание за добро завршена работа. Но, исто така потребно е да им поставите едноставни и неформални прашања преку кои ќе добиете увид за работната средина и можностите за нејзино подобрување.

Овој концепт овозможува двонасочна комуникација помеѓу менаџерот и вработениот каде секоја страна слуша, поставува прашања и се согласува за следење на идните планови и акција. Ваквиот разговор гради доверба кај вработените. Тие се чувствуваат ценети поради пораката што им ја испраќаат менаџерите бидејќи на нив гледаат како на важна алка во компанијата.

Ова се прашањата што треба да им ги поставувате на вработените кои се клучни за успехот на компанијата:

Што ви се допаѓа во работата?

Со ова прашање се проценува задоволството во работењето и помага да утврдите дали и во кои сегменти вработените сакаат да стекнат нови знаења и задачи.

Дали може да го опишете најдобриот работен ден што сте го имале неодамна?

На овој начин ќе добиете јасен пример за позитивните искуства на работникот и ќе имате претстава каков работен ден тој очекува.

Дали се искористени вашите вештини?

Со поставување на ова прашање може да дознаете дали работникот поседува некои вештини за кои не сте запознаени, а може да бидат добитна комбинација за проектот, тимот, компанијата.

Дали мислите дека добивате признание за добро завршената работа?

Ако има фрустрации кај работникот поради отсуство на признание за работата што добро ја завршил, ова прашање ќе ви го даде одговорот. Пофалбите и признанијата се неопходни за задржување на добриот работник.

Дали ве почитуваат?

Ова прашање го утврдува “здравјето“ на тимот. Дали постојат обвинувања, потсмевања, навреди… Истражувањата покажуваат дека почитта е клучен двигател во ангажманот на вработените, а нејзиното отсуство е причина за нивно заминување.