Пратеници рамо до рамо со продавачите на Лице в лице

32

Македонските пратеници, Маја Морачанин и Самка Ибраимоски во знак на одбележување на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат, заедно со продавачите на Лице в лице, на граѓаните низ центарот на Скопје, им го понудија најновото издание на списанието, посветено на тема: одржливо лидерство, стои во соопштението.

Заедничката акција доаѓа како знак на поддршка од страна на македонските парламентарци, кои втора година по ред, одговараат позитивно на иницијативата на пратеникот Ибраимоски.

Меѓународната недела на уличен печат во Македонија се слави веќе седум години, и тоа преку единственото улично списание во земјава, кое има околу 40 продавачи кои работат во пет градови во Македонија. Практиката на продавачите да им се придружуваат јавни личности, со цел да се стави акцент на важноста на нивната работа, чија цел е економско и социјално зајакнување, е приод кој се применува и во останатите улични списанија низ Европа и светот.

“Ми беше посебна чест што втора година им се придружувам на продавачите на Лице в лице. Јас секогаш се декларирам како социјален пратеник кој ги штити интересите на ранливите категории сограѓани. Денешното искуство со нив уште еднаш покажа дека не е лесно да се продава списание. Посакувам сите граѓани да се финансиски постабилни, и посамоуверено да ја изразуваат својата поддршка на продавачите кои одлучиле да работат, да си помогнат и да излезат од одредена неповолна ситуација. Но, институцииите, секако, мора да обрнат малку повеќе внимание на оваа категорија граѓани во спроведување на мерките на интеграција. Затоа што, невработеноста во нашата земја се намалува, не поради тоа што луѓето наоѓаат работа, туку затоа што често си одат од државата“, рече пратеникот Самка Ибраимоски, кој ги повика продавачите на Лице в лице и во Собранието на Република Македонија, пред стартот на денешната седница.

Пратеничката Морачанин вели дека во моментов се интензивираат процесите на интеграција на ранливите категории во општеството, и дека е тоа процес кој треба да продолжи.

“Посебно е важно како маргинализираните лица ќе ги вклучиме во сите општествени текови. Тоа е битно за нив, за да се почувствуваат достоинствено, да можат сами да заработуваат, но, важно е и за целото опшество. Воопшто не е лесна нивната работа, не е едноставна. Би ги охрабрила да продолжат да работат со истиот ентузијазам кој го видов денес кај нив. И покрај студот, и покрај различните реакции, тие имаат љубов кон работата, и јас им се восхитувам. Би ги поканила сите сограѓани поотворено да ја изразуваат својата поддршка на овие златни луѓе, кои храбро го тераат својот живот“, нагласи Морачанин.

Продавачите кои беа вклучени во денешното одбележување, Тунан, Саше, Валентин, Горде и Анабела се движеа низ градскиот плоштад и кафулињата низ центар, придружувани од парламентарците, и постојано сретнуваа свои поддржувачи, кои ги препознаваа и охрабруваа во работниот подвиг.

“Задоволен сум од продажбата на Лице в лице. Успеав да направам измени во домот, и верувам  дека и понатаму добро ќе напредувам“, сподели продавачот Тунан Садик, еден од најдобрите продавачи на списанието.

Заедно со списанието, продавачите ја подаруваа книгата поезија на авторката Марија Грубор, насловена Водата нешто носи, која донираше примероци во насока на нивна поддршка.

Инаку, на глобално ниво, продавачи на уличен печат има во над 100 улични списанија и весници на 24 јазици, во 35 земји. Над 20.500 продавачи секоја година се вклучени во продажба на уличен печат, заработувајќи вкупно 27,4 милиони евра годишно.