Прецизирано ослободувањето од обврска за ДДВ при извоз на ИТ услуги

282

Автентичното толкување на член 14 од Законот за данок на додадена вредност од страна на Собранието на Република Северна Македонија ќе даде силен поттик за домашните и странски компании од информатичко – комуникациската индустрија и понатаму да продолжат со инвестиции и отворање нови работни места, стои во соопштението.

Оваа порака на прес-конференција во МАСИТ ја пренесоа министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, Маријана Андриќ, даночен експерт на МАСИТ, адвокат Ивица Јевтиќ и главниот извршен директор на Македонија 2025, Никица Мојсоска Блажевски.

“Како човек кој доаѓа од приватниот сектор сметам дека ригидното толкување на законските норми не оди во прилог на бизнисот. Ова автентично толкување е импулс за идниот развој на ИКТ индустријата и пример за останатите компании кои имаат проблем со толкување на некои законски норми, да покренат иницијатива за нивно преиспитување“, апелираше министерот Манчевски.

Драги Рашковски, генерален секретар на Влада на Република Северна Македонија нагласи дека автентичното толкување е многу моќна алатка ретко користена кај нас и како универзитетски професор истакна дека алатката ќе биде искористена и во учебниците, акцентирајќи дека правото го создаваме за да им служи на луѓето, а не да им робуваме на правните норми.

Маријана Андриќ, претставник на МАСИТ објасни дека потребата од автентичното толкување се појави поради проблемот со начинот на оданочувањето на најразлични видови ИТ, маркетинг, административни и слични услуги кои не беа соодветно третирани од аспект на член 14 од Законот за данок на додадена вредност при пласман на истите во странство.

Овој член го дефинира местото на оданочување според местото на настанување на услугите при што уште со донесувањето на Законот во 1999 година местото на настанување на услугите од информатичка технологија се смета местото каде се наоѓа корисникот на услугата.

“Во почетокот немаше никакви дилеми при примената на овој член, но со појавата на новите услуги последниве години при вршењето на инспекциски надзор од страна на Управата за јавни приходи се појави дилема кои услуги можат да се подведат под овој став. Започна многу рестриктивна примена при што инспекторите бараа секоја услуга да ја прочитаат експлицитно наведена во законот. Од тие причини фирмите од ИТ индустријата, како и останатите извозници на интелектуални услуги се соочија со сериозен ризик од дополнително задолжување со обврска за ДДВ“, објасни Андриќ.

По одржаните бројни средби со надлежните во Управата за јавни приходи и Министерството за финансии заклучокот бил дека автентично толкување на овој член е единствено решение за двете засегнати страни – даночниот орган и стопанството. Конечно се надминуваат дилемите за местото на настанување на услугите и со тоа се прецизира ослободувањето од обврска за засметување ДДВ при извозот на ваков тип на услуги.

“Овој позитивен пример со автентично толкување дадено од Собранието се надминува секоја можност некој паушално да го толкува овој член од Законот. Веруваме дека после ова толкување, Управата за јавни приходи ќе промени дел од своите решенија во интерес на компаниите“, изјави адвокатот Ивица Јевтиќ.

По овој успешен пример, МАСИТ продолжува со активности во насока на подобрување на бизнис регулативата кои се директно поврзани со ИКТ индустријата. Во моментот најактуелни се предлог мерките кои го поедноставуваат водењето бизнис и придонесуваат за заштита на животната средина, намалувајќи го користењето на хартијата со воведување на е-фактура користејќи го електронскиот потпис и доверливите услуги и електронска достава на акти до вработени и останати соработници.