Пред 29 години земјава го донесе првиот Буџет

27

Добрата реализација на Буџетот, вклучително и на капиталните инвестиции, како и позитивните макроекономски движења, се доказ за добрите економски политики кои ги води оваа Влада, порача министерот за финансии, Фатмир Бесими на средбата со поранешните министри одржана по повод одбележување 29 години од носење на првиот Буџет.

На состанокот со министерот Фатмир Бесими и заменик-министерот Димитар Ковачевски присуствуваа поранешните министри Таки Фити, Џевдет Хајредини, Борис Стоjменов, Никола Поповски, Кирил Миноски и Нина Ангеловска. На состанокот беа презентирани реформите што ги презема министерството во сите сфери – реформата на даночниот систем 2021-2025, стратегијата за намалување на сивата економија, процесот на унапредување на фискалната децентрализација, планот за финансирање на економскиот раст.

Воедно како значаен исчекор во подобрување на транспарентноста беше спомнато и објавувањето на Фискалниот бројач на веб страницата на министерството, којшто на дневна основа ги прикажува приходите, расходите во буџетот и извршувањето на капиталните расходи, додека на месечна основа го прикажува државниот долг.

“Приходите, заклучно со првото тримесечје се реализирани со 22,8 проценти, расходите со 22,4 проценти, а капиталните расходи со 16,6 проценти. Макроекономските движења исто одат во позитивна насока. Извозот на стоки во јануари регистрира номинален раст од 15,4 проценти на годишна основа, а увозот бележи номинален раст од 5,3 проценти. Ова покажува дека состојбата се подобрува и оти преземените мерки дале резултат“, информира Бесими.

Бесими потенцира дека активно се работи на решавање на клучните прашања – како економијата да заздрави, како да се врати на патеката на раст, како тој раст да се забрза и како да биде одржлив и инклузивен.

“Сите ние сме работеле и работиме за да овозможиме подобри услови за живот. Откако дојдов во Министерството за финансии се залагам да се работи и веќе се планира и работи според СМАРТ концептот кој се базира на пет начела – стратешко работење, одржливост односно континуитет, одговорност, ориентираност кон реформи и транспарентност. Суштината е да се дејствува така што однапред ќе се планира за подолг период, ќе се антиципираат сите исходи, ќе се мерат резултатите, како од аспект на реализација, така и од аспект на нивниот импакт врз останатите процеси и сето тоа ќе биде проследено со континуиран напор за зголемување на транспарентноста. Токму во оваа насока  е и новиот закон за Буџети со којшто се воспоставува среднорочно буџетирање и интегриран систем за управување со јавни финансии – во насока на подобро планирање, креирање регистар на јавни субјекти и зголемување на транспарентноста“, истакна тој.

Во услови на фискална консолидација, како што беше потенцирано на состанокот, потребно е да се одржи развојната компонента на високо ниво. Ова значи дека треба да се инвестира во капитални инвестиции кои ќе донесат принос на долг рок.